Припадниците на турскиот баталјон командоси, чие испраќање го побара НАТО, пристигнаа на Косово поради неодамнешното влошување на безбедносната ситуација, јави денеска Асошиејтед прес.
Турското Министерство за одбрана објави видео на кое се гледа како војниците со ознаки на мировната мисија КФОР предводена од НАТО ја напуштаат Турција и пристигнуваат во Косово.
Неименуван претставник на турското Министерство за одбрана минатата недела изјави дека околу 500 турски војници ќе бидат испратени на Косово.
НАТО во вторникот објави дека ќе испрати 700 дополнителни војници во Косово за да ги зајакне силите на КФОР, кои досега броеја околу 3.800 војници, вклучително и 350 од Турција.
Тензиите на северот на Косово ескалираа на 26 мај, кога специјалните единици на косовската полиција ги окупираа зградите на локалните самоуправи во општините со српско мнозинство, со цел да постават нови градоначалници Албанци, избрани на изборите што беа бојкотирани од Србите. .
Во понеделникот, на 29 мај, десетици луѓе од двете страни беа повредени во судирите меѓу силите на КФОР и косовските специјални сили со локалните Срби.