Идниот премиер на техничката влада Талат Џафери е против тоа црните листи на САД и на Обединетото Кралство да станат дел од правниот поредок на Македонија, затоа што такво нешто не е предвидено со македонскиот Устав и закони, а тие не се меѓународни документи кои би можеле да бидат ратификуваат и да влезат во македонскиот правен поредок.
Во интервју за поткастот „Политиканти“ на „Слободен печат“ Џафери ги кажува своите размислувања за предлозите за тнр. рестриктивни мерки со кои црните листи на САД и на Обидинетото Кралство ќе станат дел од македонскиот правен поредок.
– Во однос на предлогот за црните листи да станат дел од македонскиот правен поредок јас сум против оти тоа не е предвидено во Уставот и законите, а тие не се меѓународни документи па да се ратификуваат и да влезат во македонскиот правен поредок. Искрено, лично не сум за тоа да се вметнува таков закон – рече Џафери.
На прашањето дека народот смета дека политичарите се корумпирани, Џафери вели дека граѓаните не грешат и дека народот е секогаш во право и таа перцепција низ процедури треба или да се потврди или да се отфрли.
– Нема закон што ќе спречи корупција. Ни овде ни во светот. И тоа не е појава што е само за регионот. Некаде е институционализирана, некаде е во четири очи. Ветингот е најпроста работа што може да се направи. Јас сум за ветинг. Тој не е неспроведлив. Но не може да се преземе албанскиот пример како калап, спецификите не се исти. Општ ветинг и претстава за нас има секој граѓанин. Сите граѓани ни имаат направено ветинг. Може да седнеме со експерти да формулираме кои би биле техниките од дефиниција до спроведување – посочи Џафери
Џафери вели дека на Македонија ѝ недостасува општа евиденција на сопственоста.
– Нема евиденција конкретна за потеклото на имот. Ние сите сме дале согласност да се има пристап до нашите трансакции и дома и надвор. Се знае и како се стекнува имот. Ако некој е во јавен сектор тоа не е бизнис и не може да стане богаташ, може во приватен сектор, но и таму треба да се постават правила – вели Џафери.
Тој го коментираше и однесувањето на некои странски амбасадори во земјава.
– Факт е дека странските земји донираат некои средства и има процедури што е донирано и за која намена. Тие донирани средства стануваат дел од буџетот и се подложни на контрола, а странските влади добиваат периодични извештаи за трошењето на тие средства. Ако амбасадор рече дека се злоупотребуваат средства, ќе треба тоа добро да го докаже. Нашиот проблем е што сите сакаме да се занимаваме со надлежностите на другите, а не со своите. Не сме навикнати да сме отчетни во работењето. Јас барав неколку пати да дојде ревизија во Собранието – рече Џафери.
Тој во интервјуто се осврна на предизвиците кои му престојат како технички премиер и прв премиер Албанец, што беше зацртано со Пржинскиот договор од 2015 година.
– Тоа е мандатна влада. Тоа што е специфична е поради тоа што приоритет е даден на подготовката и спроведувањето на изборите. Тоа е прв приоритет, но не значи дека Владата не треба да се занимава и со другите надлежности: Спроведување на сè она што е со закон предвидено, реализација на она што е одлучено, тоа е континуитет на програмата на владата. Јас најсериозно си влегувам во таа институција која има надлежности согласно Устав и закон… Мислам дека минатото покажало дека сум институционалист и дека она што е пропишано тоа и се спроведува – вели Џафери.