More

    Цените не смее предолго да бидат замрзнати, предупредуваат експерти

    spot_img

    Владата ризикува да придонесе неконтролирано да се зголемат цените на прехранбените производи, кои сега се „замрзнати“, и да ги доведе во мошне тешка состојба производителите кои во меѓувреме имаат зголемени трошоци во работењето, ако уште некој месец го продолжи рокот на важење на мерката на ограничување на цените – велат бизнисмени и економисти.

    Овие мерки тие ги оценуваат како непродуктивни во услови на слаба економија и мал пазар.

    Граѓаните, иако се задоволни од мерката, се плашат дека по нејзиното укинување ќе купуваат драстично поскапа храна, како што се случи по претходното укинување на мерката.

    Владата по втор пат ја продолжи мерката на замрзнати цени на одделни прехранбени производи со образложение дека не е донесен закон за нефер трговски практики, кој според владата, треба да ги запре злоупотребите од страна на трговците.

    Економисти и бизнисмени велат дека е можен пораст на цените на производите по укинувањето на мерката, доколку во меѓувреме се промениле производните цени на производите и трае глобалната несигурност поради конфликтите кои можат да се прошират. Според нив оваа мерка не е економска и е поврзана со стандардот на граѓаните и со мерката за помош на одделен број граѓани, а не со законот за нефер трговски практики. Во продолжувањето на мерката гледаат само предизборно однесување наменето за граѓаните, а на штета на бизнисите.

    – Нема некое логично објаснување на продолжувањето на рокот на замрзнување на цените на одделни прехранбени производи, освен ако не е во прилог на изборите и одржувањето позитивен ефект од субвенционирање на одредена категорија граѓани. Поврзувањето на мерката со донесувањето закон за нефер трговски практики е уште полошо објаснување, бидејќи она што треба да го контролира државата не смее да штети на економијата и да се става на грбот на граѓаните – вели економистот Маријанчо Николов.

    Тој предупредува дека може да се случи трговците повторно да профитираат и покрај тоа што владата ги одржува цените замрзнати.

    – Цените се замрзнати на определено ниво, но во меѓувреме имавме речиси неколкумесечен пад на цените на овие производи на светските берзи, освен во декември кога, беше забележан благ раст поради кризите. Не се знае дали трговците во овој период увезле и производи со пониски цени од замрзната цената, создале резерви и ги продаваат по замрзнатата цена која во случајот би била повисока за овие производи. Таква беше состојбата со житарките, брашното и слично. Владата треба да ги има предвид овие состојби пред да ја задржува мерката и во иднина, бидејќи во тој случај корист ќе имаат само трговците, а прехранбената индустрија и земјоделците ќе претрпат штета. Секако, цехот од ваквите состојби ќе го платат граѓаните по укинување на мерката кога цените ќе почнат неконтролирано да растат – вели Николов.

    Според него, ваквите мерки не треба да се држат долго и поради фактот дека треба да го зголемиме домашното производство на храна и да го намалиме увозот, за да можеме да имаме стабилни цени.

    – Земјоделците имаат зголемени трошоци во производството поради климатските промени и порастот на цените на одделни репроматеријали во нивното производство и тука треба да се внимава да не се влијае кон намалување на производството и квалитетот. Прехранбената индустрија, која се соочува со недостиг на работна рака, исто така има зголемени трошоци за плати и не смее да се доведе во загуби бидејќи и оваа индустрија и земјоделството ѝ се потребни на државата за да обезбедува храна, да ги одржува цените на одредено ниво и да го стабилизира стандардот на граѓаните, а со сето тоа ќе влијае и на инфлацијата – вели тој.

    Николов смета дека на подолг рок решение би биле стимулации и реформи за зголемување на домашното производство на овие производи и олеснување на увозот, т.е. укинување на некои увозни бариери, ако имаме конкурентно производство.

    Други економисти исто така предупредуваат дека она што се случува во светот во однос на новиот раст на цените на прехранбените производи може да се преслика и во земјава и повторно инфлацијата да почне незапирливо да расте. Тие велат дека владата мора да најде баланс во носењето на мерките, но се плашат дека поради изборите состојбата може да излезе од контрола.

    Од мелничко-пекарската индустрија, чии производи имаат ограничени цени, велат дека на владата не и беа потребни овие мерки за да ги поевтини производите и да ја затвори оваа индустрија, бидејќи неа, покрај мерките, дополнително ја „јаде“ конкуренцијата од соседството, која е субвенционирана од тамошните влади.

    – Нема потреба да се продолжуваат мерките за да имаме пониски цени. Ние имаме сега леб со цена пониска од замрзнатата. Има леб од 28, 29 денари, а цената е замрзната на 33 денари. Ние имаме конкуренција која ни е доволна за да ги одржуваме цените ниски. Владата, наместо да нè стимулира, ни го отежна дополнително работењето со тоа што субвенционира компании во зоните кои ни ги земаат работниците, затоа што не плаќаат придонеси и нудат повисоки плати. Така производството го сведовме на 30% , а годинава можеби ќе стигнеме до 10% – вели Горан Малишиќ, претседател на групацијата на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора.

    Граѓаните стравуваат дека колку подолго траат замрзнатите цени толку повисоки ќе бидат по нивното одмрзнување.

    – Добро е што се замрзнати цените, овој пат предизборно, но и покрај тоа што знаеме дека се замрзнати некако полека растат, а кога ќе завршат овие мерки мислам дека ќе експлодираат. Секојдневно слушаме дека сите се жалат дека имаат повисоки трошоци во производството и земјоделците и пекарите, млекарниците и чекаат владата да им даде знак дека можат да ја прикажат пазарната цена, која ни далеку нема да биде оваа што сега ја имаме во продавниците. Тогаш Господ нека ни е напомош – вели Бранкица Т. од Скопје.

    Спротивно на убедувањата на бизнисмените дека ваквите мерки му штетат на бизнисот и ја зголемуваат сивата економија, владата смета дека единствено решение на проблемот со драстичното растење на цените на прехранбените производи е во донесувањето закон за нефер трговски практики. Оттаму очекуваат Собранието до крајот на април да го донесе.

    – Верувам дека пратениците на крај на мандатот ќе се одважат и ќе го донесат законот. Мислам дека тоа не е битно за ниту една влада, туку е важно за граѓаните. Затоа, еве, уште еден повик наредните два месеца, кога нема да има друг притисок зашто Владата нема да носи нови закони, пратениците да ги поминат сите останати закони кои се во собраниска процедура подолго време – изјави пред два дена вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img