Цените на златото се највисоки во историјата, но нема директен фактор што придонесува за тоа. Зошто златото е поскапо од било кога?
Одговор на ова прашање се обидува да даде германски „Тагешау“.
Цените на златото на лондонската берза достигнаа 2.141 долар за унца, надминувајќи го ценовниот рекорд поставен во декември минатата година. Рекордно високи се и цените на овој благороден метал во еврозоната – 1.974 евра за унца. Ова се случи за многу краток временски период.
Она што е особено забележливо е дека нема очигледна, директна причина за растот на цените. Едно од објаснувањата зошто се случи тоа се шпекулациите за намалување на каматните стапки во Соединетите Американски Држави.
Имено, каматните стапки во САД се очекува да бидат намалени, но не толку нагло како што првично се очекуваше. Всушност, цените на златото во минатото зависеле од американските каматни стапки. Поточно, се однесува на реалните каматни стапки, кои го вклучуваат номиналниот принос на 10-годишните американски обврзници минус стапката на инфлација.
Зголемувањето на реалните каматни стапки го прави златото помалку привлечно. Од друга страна, порастот на цената на златото вообичаено е проследен со намалување на реалните каматни стапки. Дополнително, Светскиот совет за злато (WGC) укажа на големиот интерес на централните банки за овој благороден метал. Особено невообичаено големи набавки на злато се забележани во Кина, Полска, Сингапур, Либија, Чешка и Индија.
Експертите сметаат дека геополитичките ризици, особено оние во Украина, Блискиот Исток и Црвеното Море, се важни двигатели на побарувачката на злато, кое има имиџ на „безбедно засолниште“ за инвеститорите. Значи, цената на златото е одраз на сè понеизвесниот свет.
Ако веќе е така, тогаш веројатно е дека победата на Доналд Трамп на претстојните претседателски избори во САД би можела да придонесе за континуиран раст на цената на златото. На крајот на краиштата, има голем број економисти кои очекуваат продолжување на трговската војна меѓу САД и Кина доколку Трамп повторно стане претседател, пишува „Тагешау“.