Цената на среброто е во постојана нагорна траекторија во последните 25 години. И покрај осцилациите, за четврт век е забележан импресивен скок од дури 575%!
Една унца сребро на почетокот на милениумот чинела околу четири долари, додека денес вреди 27 долари.
Аналитичарите предвидуваат светла иднина за овој благороден метал, иако засега тој е многу помалку застапен во инвестиции отколку златото.
Токму поради попристапната цена во однос на златото, која надмина 2.400 долари за унца, се проценува дека среброто ќе биде се попривлечно за инвестирање.
Побарувачката на сребро е првенствено индустриска, бидејќи околу 50% од целото сребро се користи за индустриски цели, додека останатите 50% од среброто се користат за инвестициски цели и за накит.
Соларни панели, батерии за електрични автомобили и многу други производи во „зелената револуција“ го содржат овој благороден метал. Сето ова укажува дека индустриската побарувачка за сребро ќе се зголеми во наредните години.