Трагичната смрт на 33-годишната Дорота Пани повторно го отвори прашањето за законот во врска со забраната за абортус во Полска, поради што почина несреќната трудница.
Беше бремена во 20 недела кога на 21 мај пристигна во специјалистичката болница во Подалански, каде што се покажа дека почнала да ја губи плодовата вода. Иако таа и нејзиното семејство биле убедени дека ќе добие соодветна помош во болница, таа починала ноќта меѓу 23 и 24 мај, пишува Мјакмама24.
На почетокот не беше јасно што се случило бидејќи Дорота не пријавила никакви други проблеми освен оние споменатите со болки поради губење на плодовата вода, но на 29 мај болницата објави официјална информација за причината за смртта. Сепса.
„Од болницата бевме информирани дека причина за смртта е септичен шок со повеќекратно откажување на органите“, велат од семејството на починатиот, кое по трагедијата ги пријавило болницата и нејзиниот персонал за можно кривично дело „поради негрижа за човечки живот.”
Причината за ваквата квалификација е што животот на Дорота Пани можеше да и се спаси доколку лекарите направеа абортус, но поради ригорозните закони во Полска тие одбија да го сторат тоа, без разлика што во овој случај жената била без амнионска течност повеќе од три дена.
„Шокирани сме, особено затоа што се се случи во одделот каде што започнува нов живот“, велат од болницата.
Деталната документација за состојбата на Дорота Пани пред нејзината смрт ќе биде достапна за четири до шест недели, а нејзиниот погреб ќе се одржи на 6 јуни.
Целиот настан дополнително ги разгоре страстите во Полска и доведе до уште поголеми поделби бидејќи поддржувачите на абортусот ја обвинуваат конзервативната владејачка партија Право и правда (ПиС) за вакво нешто.
Имено, нивните ригорозни ставови за правото на абортус не се единствениот проблем, тие со политички потези се обидуваат да ги елиминираат ЛГБТИК темите, трансродовите теми и генерално сето она што го сметаат за родова идеологија од јавниот живот.