Тројцата министри од партијата Алтернатива, која си оди од власта, беа разрешени на денешната 104-та седница во Собранието. Нема воздржани при гласањето. „За“ разрешувањето на Беким Сали, министерот за здравство, гласаа 65 пратеници, а 64 за разрешувањетото на Адмирим Алити, министерот за информатичко општество и администрација и на Џемаил Чупи, министерот без ресор задолжен за дијаспора.
На местото на тројцата министри се очекува да дојдат министри од партијата Алијанса, со што би била извршена реконструкција на Владата. За оваа промена, пратениците ја отворија втората точка од расправата. За нови министри предложени од Владата се – Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација и Каја Шукова за министерка за животна средина.
На денешата седница се очекува да бидат разрешени и замениците-министри за одбрана, за земјоделство и за образование и наука.