Трите нови странски инвестиции кои ги најавува ТИРЗ ќе бидат во Скопје, Скопје – Штип и Кичево. Со компаниите се постигнати договори, а со една од нив потпишувањето е закажано за крајот на мај, соопшти денеска директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски.
Деспотовски информира и дека првата голема домашна компанија ќе стане клиент на ТИРЗ во наредните неколку недели.
– Трите нови странски инвестиции што ги најавив дека ги заокружуваме, се компании со кои веќе постигнавме договори. Два од трите договори се веќе доставени до Комисијата за заштита на конкуренција, таква е постапката, на обезбедување мислење, а потпишувањето на едниот договор е веќе закажано за крајот на мај. За останатите два ќе видиме согласно агендата како ќе организираме настани. Меѓутоа, секако потпишувањето ќе се случува до крајот на јуни. Станува збор за инвестиции во зоните во Скопје, комбинирана инвестиција Скопје – Штип и зоната во Кичево. Од аспект на домашните инвестиции веќе најавивме крајот на мај, меѓутоа заради динамиката сега со странските инвестиции може да биде и првата недела од јуни, меѓутоа секако остануваме на тоа што е дефинирано, дека првата голема домашна компанија ќе стане наш клиент во наредните неколку недели – изјави директорот кој претходно направи пресек на реализираното во зоните за април 2023.
Прво да се согледа учинокот, па да се дискутира дали платите на функционерите се големи или мали, вели Деспотовски.
Деспотовски потсети дека со трите нови договори се заокружува еден развоен концепт во работењето на зоните.
– Од средината на годината влегуваме во презентација на еден сосема нов развоен концепт кој подразбира потпирање повеќе на домашните компании и ресурси – подвлече Деспотовски.
Во врска со зоната во Тетово и фабриката за електрични автомобили, тој напомена дека е постигнат договор и очекува изградбата набрзо да почне.
– Она што го имаме како информација помеѓу компанијата и конзорциум од три домашни компании за градба, што мене ме радува, бидејќи средствата за градба остануваат во државата и тоа е многу важно, така што брзо очекувам да почне – рече Деспотовски, одговорајќи на новинарски прашања.