Маж го загубил животот кај Торони на Халкидики, откако со возилото паднал во провалија и е третата жртва од невремето „Бора“ што ја зафати Грција, откако во текот на викендот на островот Лимнос загинаа две лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчката државна телевизија ЕРТ, мажот во обид да избегне карпи на патот, со возилото паднал во провалија од 30 метри, а утрово бил пронајден во жив, но подоцна починал од хипотермија, бидејќи во автомобилот бил над осум часа.
За невремето „Бора“ портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека е „уште еден доказ дека она што го знаевме за природните појави веќе не важи“, но и дека е нова и тешка реалност и за Грција и за целиот свет.
– Врнежите во саботата на Родос, според експертите, беа 73% од водата што падна во Валенсија – истакна Маринакис.
Поради невремето на островот Родос е прогласена вонредна состојба по барањето на градоначалникот за веднаш да започнат процедурите за обесштетување и санирање на штетите.
Најпогодение од невремето „Бора“ што во текот на викендот ја зафати Грција се островите Лимнос и Родос, Солун, Халкидики, како и областите Пиерија и Тесалија, а противпожарната служба од саботата претпладне до утрово во шест часот примила 3.024 повици за помош.