Конфликтот во Судан меѓу армијата и паравоените сили на генералот Мохамед Дагл не стивнува туку се радикализира. Загинати се сто луѓе, меѓу кои и хуманитарни работници на Обединетите Нации. Како што известува Би Би Си, вчера двете страни декларативно го прифатија барањето да се воведе „хуманитарна пауза“ за да се овозможи да се евакуираат повредените, но има сомнежи дека до ова не се придржувале.
Исклучително тешка е состојбата во болниците во Картум, каде медицинските лица тешко доаѓаат до ранетите. Над илјада лица се повредени а загинале сто лица, извести синдикатот на лекарите.
Светската програма за храна на Обединетите нации ја прекина помошта за Судан откако тројца вработени беа убиени во борбите во Дарфур. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш повика одговорните што побрзо да бидат изведени пред лицето на правдата.
Според Светската здравствена организација досега во конфликтот загинале над 83 лица, а 1.100 се повредени.
– Исплашени сме и 24 часа не сме спиени, поради потресите на куќите и бучавата. Загрижени сме дека ќе снема вода и храна и лекови за татко ми кој страда од дијабетес – изјави жител на Картум за Ројтерс.
Од саботата, воздушните напади, артилерискиот оган, уличните борби со автоматско оружје и тешките митралези не им даваат мир на жителите на Картум, кои останаа без вода и струја. Борбите се најжестоки во главниот град и во Дарфур, на запад.
Судан се обидува да ги организира првите слободни избори после 30 години диктатура. Арапската лига и Африканската унија свикаа вонреден состанок.
Во 2021 државниот удар заврши со транзиција во која генералот Бурхан и генералот Хамити ги здружија силите за да ги соборат цивилите од власт. Но нивното ривалство трет ден е претворено во отворен вооружен конфликт во кој страдаат и цивили.