Трауматични видеа од разорувањето на бомбардирана зграда во населбата Лукјановка на 10 минути од центарот на Киев објави украинската пратеничка Лесја Василенко на Твитер. Во едно од нив се гледа како спасувачите ја вадат мајката на седумгодишното девојче кое преживеа. „Жената со часови врискала од болка“, се вели во објавата.
Најмалку пет лица се повредени денеска во Киев кога проектил погоди станбена зграда во централниот дел на градот, соопшти началникот на украинската полиција Игор Клименко, јавува МИА.
Претходно денеска беше соопштено дека во Киев е погодена зграда на девет катови.
Според пратеничката испукани биле најмалку осум проектили во Киев. Нејзиниот колега Олег Гончаренко вели дека се 14. Амбулантните возила се на терен. Едно лице е загинато, а Лесја Василенко шпекулира дека тоа може да е таткото на девојчето. Екипите се во потрага по преживеани.
Утринавата Киев го разбудија четири експлозии.