Доналд Трамп во интервјуто за „Фокс њуз“ вчера ги спореди сопствените правни проблеми со прогонот на рускиот опозиционер Алексеј Навални кој почина во затвор минатата недела и додаде дека Навални не требало да се врати во Русија.
Во едночасовното појавување емитувано на Фокс њуз, Трамп се побуни против казната од 355 милиони долари што му беше изречена на судењето за измама во Њујорк.
– Тоа е форма на Навални. Се случува и во нашата земја. Се претвораме во комунистичка земја на многу начини. Имам 8 или 9 судења бидејќи сум во политиката – додаде тој.
Поранешниот американски претседател рече дека Навални бил многу храбар човек кој веројатно не требало да се врати во Русија, но не го обвини Путин кога го прашаа за Навални.
– Тој беше многу храбар човек бидејќи се врати назад. Можеше да остане настрана, и искрено, веројатно ќе беше подобро да остане настрана и да зборува надвор од земјата – рече Трамп.
Претседателот Џо Бајден и другите западни лидери го обвинија рускиот претседател Владимир Путин за смртта на Навални, како и Ники Хејли, која заостанува далеку зад Трамп како негов единствен ривал во републиканската трка за претседателски кандидат.
Кремљ негираше вмешаност во смртта на Навални и рече дека западните тврдења дека Путин е одговорен се неприфатливи.
Во неделата, Трамп во објавата на Трут сошл напиша дека смртта на Навални во казнената колонија на Арктикот минатата недела го направила „повеќе свесен за она што се случува“ во САД. Трамп не образложи, но тој често ги отфрла кривичните пријави кои се 91 на број, против него како политички мотивирани, тврдење што обвинителите го негираат.
Бајден вчера упати бурна критика на постот на Трамп за смртта на Навални велејќи: „Зошто Трамп секогаш ја обвинува Америка? Путин е одговорен за смртта на Навални. Зошто Трамп не може само да го каже тоа?“