Поранешниот американски претседател Доналд Трамп смета дека САД „одат по ѓаволите“, и дека на земјата и треба силен лидер, во спротивно „нема да преживее“.
Во интервју за Фокс њуз, Трамп рече дека видел „радикални промени“ од крајот на неговиот претседателски мандат.
– Нашата земја оди по ѓаволите, нашата нација е во пропаѓање… Оваа земја е во урнатини. Како што живее сега, нема да преживее – рече поранешниот претседател.
Според Трамп, сегашниот претседател Џо Бајден покажал слабост на светската сцена. Затоа Трамп верува дека сега повеќе од кога било на САД им е потребен силен претседател за да се справи со такви „остри и паметни“ светски лидери како што е, на пример, кинескиот претседател Кси Џинпинг.
– Без разлика дали е републиканец или демократ, сакам да видам некој голем. Повеќе би сакал да го видам да постигнува неверојатен успех, дури и ако тоа значи многу потешка кампања, а можеби и пораз – додаде Трамп.
Поранешниот претседател не ги потврди претпоставките за учество на изборите во 2024 година, но не ја исклучи ниту таквата можност.