Трамп најави економска соработка и безбедност

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Доколку биде избрана за претседател на САД, потпретседателката и демократска кандидатка Камала Харис кажа дека ќе ги штити правата на граѓаните и земјите слободно да го изразуваат својот национален идентитет, вклучително и македонските идентитет и јазик, додека поранешниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп вети економска соработка и безбедност на Западен Балкан ако тој победи на изборите во вторник, објави Гласот на Америка на македонски.

И двете кампањи, за Гласот на Америка на македонски, најавија поддршка на демократските институции и борба против корупцијата во регионот.

– НАТО и ЕУ се базираат на заеднички демократски вредности, вклучувајќи силни, независни и одговорни институции. Нашите вредности, исто така, ги штитат и почитуваат правата на граѓаните и земјите слободно да го изразуваат својот национален идентитет, вклучително и македонскиот идентитет – и да го зборуваат својот национален јазик, вклучително и македонскиот јазик. Потпретседателката Харис разбира колку се важни овие вредности за виталната македонско-американска заедница – изјави портпарол на кампањата на Харис.

Корупцијата, потенцираат, е клучен национален безбедносен интерес на САД.

-Потпретседателката Харис постојано се залага за унапредување на демократијата, владеење на правото и борбата против корупцијата. Корупцијата е клучен национален безбедносен интерес на САД, што е една од причините зошто потпретседателката Харис е целосно посветена на унапредување на евроатлантските аспирации на шесте земји од Западен Балкан, наведуваат од кампањата на Харис.

Кампањата на Трамп, пак, ја критикува надворешната политика на Бајден во однос на борбата против корупцијата и интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, нарекувајќи ја „пасивна“.

– Надворешната политика на администрацијата на Бајден на Балканот е обележана со неактивност, празни ветувања и недостаток на посветеност за вистинско разбирање на уникатните предизвици на регионот. Наместо да се спроведуваат значајни економски и иницијативи за раст во земји како Грција, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Романија и Словенија, за поддршка на овие нации во нивната борба против корупцијата и интеграцијата во ЕУ, администрацијата на Бајден се одлучи за пасивен пристап. Овој недостаток на ангажман не само што го попречи економскиот напредок, туку и остави многу балкански држави да се чувствуваат занемарени и невреднувани додека тензиите вријат без соодветна интервенција – изјави Христос Марафацос, заменик-претседавач со Националната коалиција за различности на претседателот Трамп.

Марафацос вели дека надворешната политика на Трамп кон Западен Балкан ќе се фокусира на трговски партнерства и економски можности.

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), која неодамна прослави 20 години постоење, минатиот месец доби писмо од потпретседателката Харис, со кое таа ѝ се обрати на македонската заедница во САД.

- Advertisement -
Ad image

„Покрај придонесите кон економијата и културата, македонските Американци активно се вклучуваат во нашата демократија. Многумина служат во законодавните тела и граѓански организации, рефлектирајќи ги принципите на слобода и заедница што ја прават нашата држава посилна. Нивната посветеност во граѓанскиот сектор е инспирирачка и клучна за здравјето на нашата демократија“, пишува во писмото.

Викендов во Мичиген, сојузна држава во која живеат околу 125 илјади Американци со македонско потекло, Македонците организираат настани за поддршка на кампањите на Харис и на Трамп. Трамп и Харис ги завршуваат нивните последни изборни митинзи пред претседателските избори во вторник. Милиони гласаат предвреме, пишува Гласот на Америка на македонски.

Share This Article