Доналд Трамп ја претстави својата обемна економска програма за намалување на цените и укинување на бирократските пречки, и најави дека ќе го назначи најбогатиот човек на светот, Илон Маск, да му помогне, ставајќи ја економијата во центарот на својата претседателска кампања.
Зборувајќи вчера во Економскиот клуб на Њујорк, републиканскиот претседателски кандидат вети дека ќе ја зголеми енергетската продукција во САД, ќе ги намали даноците и ќе го реформира регулаторниот режим на земјата – со цел да направи контраст со економската визија на Камала Харис.
– Таа ветува комунистички контролирани цени, конфискација на богатството, уништување на енергијата, репарации, најголемо зголемување на даноците што некогаш било наметнато и масовна амнестија и државјанство за десетици милиони мигранти кои ќе потрошат трилиони долари на федерални бенефиции и ќе ја уништат социјалната сигурност и Медикер – рече Трамп.
Јас ветувам ниски даноци, ниски регулативи, ниски енергетски трошоци, ниски каматни стапки, сигурни граници, ниско, ниско, ниско ниво на криминал и растечки приходи за граѓаните од секоја раса, религија, боја и вероисповед, додаде тој.
Поранешниот претседател додаде: „Мојот план ќе ја победи инфлацијата многу брзо, ќе ги намали цените и ќе предизвика експлозивен економски раст“.
Трамп рече дека ќе повлече најмалку 10 регулативи за секоја нова креирана и ќе го назначи шефот на Тесла – Маск да раководи со новата комисија за ефикасност „задолжена да спроведе целосна финансиска ревизија и ревизија на перформансите на целата федерална влада и да дава препораки за драстични реформи“.
Маск изјави на платформата Х дека со нетрпение ја очекува можноста да служи на САД ако се појави можноста. „Ниту плата, ниту титула, ниту признание не се потребни“.
Говорот на Трамп пред публика составена од извршни директори од Волстрит доаѓа во моментот кога тој и Харис се обидуваат да ги убедат Американците дека можат да ги решат високите цени на куќите, прехранбените производи и другите трошоци, кои остануваат централно прашање за многу гласачи два месеца пред изборите на 5 ноември.
Додека Харис, демократскиот кандидат, вети дека ќе го прошири пристапот до достапно домување и ќе ги ограничи цените на храната, со фокус на таканаречената економија на грижа, Трамп ги стави во центарот на својата понуда пониските даноци, тарифите на увозот и дерегулацијата.
– Ние испорачавме економско чудо, кое Камала и Џо (Бајден) го претворија во економска катастрофа – рече Трамп, обвинувајќи ја Харис за високата инфлација во последните неколку години.
Додека инфлацијата растеше за време на претседателството на Бајден поради пандемијата на коронавирусот која ги заглави синџирите на снабдување, таа драматично се намали откако го достигна врвот во 2022 година. Инфлацијата сега се движи кон целта од 2 проценти на Федералните резерви, што ја прави централната банка подготвена да ги намали каматните стапки овој месец.
Пазарот на труд, исто така, остана историски здрав во овој период, со рекорден раст на работни места и ултра ниска невработеност, додека економијата се прошируваше со стабилно темпо. Во текот на сето ова, S&P 500 достигна нови рекорди.
Трамп, исто така, вети дека ќе испорача „енергетско изобилство, енергетска независност и дури и енергетска доминација“ ако победи на изборите, со веднаш прогласување на национална вонредна состојба за да постигне „масовно зголемување на домашното снабдување со енергија“.
Тој тврди дека овие активности ќе ги намалат цените на енергијата за најмалку половина во рок од 12 месеци по стапувањето на должност.
Производството на нафта и гас во САД достигна рекордни нивоа за време на претседателството на Бајден, иако цените на бензинот и другите енергетски трошоци се повисоки отколку кога Трамп беше на функција.
Трамп, исто така, го повтори својот план за намалување на стапката на корпоративниот данок од 21 процент на 15 проценти за компании кои ги произведуваат своите производи во земјата, додека ќе ги прошири даночните кредити за бизниси кои се фокусирани на истражување и развој.
Минатиот месец, Харис поддржа зголемување на корпоративниот данок на 28 проценти од 21 процент. Во средата, таа исто така предложи зголемување на даночната стапка на долгорочни капитални добивки за најбогатите Американци на 28 проценти, што е помалку драстично зголемување од она што го предложи Бајден.
Предлозите на двајцата кандидати за промени во даночниот код на САД би требало да бидат одобрени од Конгресот.
Изјавите на Трамп дојдоа во моментот кога анкетите покажаа дека Харис води во неколку од клучните свинг (променливи) држави кои ќе го одлучат исходот од изборите во ноември. Најновата анкета на FT-Michigan Ross, исто така, покажа дека повеќе Американци ѝ веруваат на Харис да управува со економијата на САД отколку на Трамп.
Тој повторно го истакна својот строг став за имиграцијата, повторувајќи го својот план за масовна депортација на недокументираните лица. Тој би се обидел да ги блокира федералните бенефиции да не стигнуваат до недокументираните лица.
Зборувајќи пред новинарите, Кевин Хасет, поранешен претседател на Советот на економски советници во администрацијата на Трамп, изјави дека поранешниот претседател ќе „удвои“ кога се во прашање политиките, вклучително и тарифите, кои беа карактеристични за неговиот прв мандат.
Трамп веќе објави планови за обемни протекционистички мерки, вклучувајќи 10 проценти тарифа на сите увози и повеќе од 60 проценти данок на кинеските производи. Во четвртокот тој изјави дека неговиот план е „про-американска трговска политика која користи тарифи за да поттикне продукција овде“ и која ќе доведе до „национална економска ренесанса“.
Трамп предложи дека би можел да ги користи приходите од тарифите за да започне суверен фонд, иако не понуди детали за тоа како би функционирал во пракса, со оглед на тоа што САД моментално имаат дефицити од трилиони долари.
– Зошто немаме суверен фонд? Други земји имаат суверени фондови. Ние немаме ништо – рече тој. „Ќе имаме суверен фонд, или можеме да го наречеме некако поинаку“.
Многу економисти предупредија дека политиките на Трамп би можеле да додадат инфлаторни притисоци, наместо да ги намалат, и потенцијално да го намалат растот, додека неговиот план за дополнително намалување на даноците би можел да го зголеми долгот на САД.
Хасет ги отфрли тие загрижености, изјавувајќи дека има „силни докази за успех“.