По обидот за атентат на поранешниот претседател и републикански кандидат за 47. претседател на САД, Доналд Трамп, американските медиуми потсетуваат на политичкото насилство низ американската историја.
Убиени се четворица американски претседатели – Абрахам Линколн, Џејмс Гарфилд, Вилијам Мекинли и Џон Кенеди.
Последен обид за атентат пред овој врз Трамп се случил во 2011 година, кога еден маж од Ајдахо бил обвинет за атентат врз тогашниот американски претседател Барак Обама, пукајќи во Белата куќа.
Претседателот Роналд Реган бил застрелан во 1981 година, откако го напуштил настанот во хотелот „Хилтон„ во Вашингтон. Тешко ранет, тој поминал 12 дена во болница. Напаѓачот бил Џон Хинкли Џуниор, кој бил ослободен во 2022 година. По инцидентот, популарноста на Реган се зголемила.
Џералд Форд останал неповреден по два одвоени обида за атентат од две жени во септември 1975 година. И двата обида биле во Калифорнија, со разлика од само 17 дена.
Џорџ Валас бил застрелан четири пати, додека водел кампања за демократската претседателска номинација. Пукањето се случило во трговски центар во Лорел, Мериленд. Тој бил доживотно парализиран во нападот во 1972 година. Инаку, Валас бил познат по неговата поддршка на сегрегацијата и по популизмот.
Братот на претседателот Џон Ф. Кенеди, кој бил во трка за претседателска номинација, бил убиен во атентат во хотелот „Амбасадор“ во Лос Ангелес. Атентатот имал големи последици врз претседателската трка во 1968 година и се случил само два месеци откако бил убиен активистот за граѓански права Мартин Лутер Кинг Јуниор. Сето ова придонело за политичките немири на крајот на 1960-тите.
Најпознатиот атентат во американската историја е тој врз претседателот Џон Кенеди. Тој бил убиен во Далас, Тексас, додека се возел во претседателската поворка. Кенеди бил убиен од Ли Харви Освалд.
Комисијата на Ворен, која го истражувала атентатот, во 1964 година утврдила дека Освалд, поранешен маринец кој живеел и во Советскиот Сојуз, дејствувал независно.
Многу Американци веруваат дека смртта на Кенеди го означува почетокот на потурбулентен период во американската политика и во општество, во светлината на Виетнамската војна и борбата за граѓански права.
Години пред тоа, во 1933 година, тогаш новоизбраниот претседател Френклин Рузвелт бил цел на обид за атентат во Мајами, Флорида. Тој не бил повреден, но во нападот загинал градоначалникот на Чикаго, Антон Чермак.
Како и Трамп, Теодор Рузвелт,ќ се кандидирал за Белата куќа во 1912 година како поранешен претседател, кога бил застрелан во Милвоки, Висконсин. Куршумот, кој останал во неговите гради до крајот на животот, бил забавен од неговиот говор од 50 страници и од челичната кутија за очила во џебот од кошулата. И покрај тоа што бил застрелан, Рузвелт одлучил да го одржи својот планиран говор.
Претседателот Мекинли, пак, бил убиен во 1901 година од анархистот Леон Чолгос во Бафало, Њујорк.
Втор најпознат атентат во американската историја е оној од 1865 година, кога претседателот Абрахам Линколн бил убиен од Џон Вилкс Бут, познат актер и симпатизер на Конфедерацијата, додека тогашниот претседател ја гледаше претставата „Нашиот американски братучед“ во Фордовиот театар во Вашингтон.
Нападот на Бут, само неколку дена по предавањето на силите на Конфедерацијата во Граѓанската војна, бил дел од поголем заговор кој вклучувал и обиди за атентат врз потпретседателот Ендрју Џонсон и врз државниот секретар Вилијам Сиворд.