Родителите на 13-годишно девојче кое го загуби животот во петокот од гром се во шок. Громот го усмртил девојчето додека тоа било со семејството на плажата Посиди на Халкидики, пишува грчка Прототема.
Според таткото на девојчето, семејните безгрижни моменти се претвориле во кошмар кога гром ги погодил неговата ќерка и сопругата, убивајќи го 13-годишното девојче веднаш. Како што вели тој, тие фамилијарно заминале на капење и кога виделе дека почнало да врне, излегле од морето. Додека биле на плажа, пред нив удрил гром, а сопругата и ќерката паднале на песокот.
– Моето девојче повеќе не стана – вели таткото додавајќи дека тие излегле од морето за да се заштитат и не останале ни десет минути на плажата кога удрил громот.
Во инцидентот таткото е полесно повреден, а мајката на девојчето е во добра здравствена состојба, но и понатаму е во шок.
Трагичниот настан се случил околу 16 часот и 30 минути. Спасувачките екипи вложиле големи напори, продолжиле со интубација, но не успеале да го вратат девојчето во живот.
Забележано е дека на подрачјето на Халкидики денеска имаше лошо време со обилни дождови. Полициската управа на првиот крак Касандра води прелиминарна истрага за инцидентот. Градоначалничката на Касандра, Анастасија Чалкиа за Прототема изјавила:
– Тоа е трагедија која се случи од никаде во момент на радост за семејството. Ова нешто е навистина лудо. Врнело многу и според она што го кажала нејзината мајка, таа во тој момент се подготвувала да ја напушти плажата. Таа беше ангел, кукла, одлична ученичка и спортистка. Родителите не можат да разберат што се случило. Детето само се шетало на плажа, тоа што се случи е трагично.