Тошковски најави одговорност и за полицајците што ја саботирале полициската акција со дојава до криминалците

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Одделот за сузбивање на организиран криминал и специјалната полиција по повеќемесечно истражување вчера и денеска спроведуваат акција во која е сузбиена 18-члена криминална група, составена од лица од Скопје кои подолг временски период се вклучени во кривични дела со насилен криминал и трговија со оружје, информираше денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

– Во рацијата се извршени претреси кај 26 лица на вкупно 30 локации, од кои 28 на подрачје на Скопје и две локации на подрачје на Велес. Досега е пронајдено огнено оружје, друга опрема, панцири и над 30 милиони денари во различни апоени кај осомничените. Одземени се и пет оклопни возила, накит, мобилни телефони, часовници, ресивери. Поднесена е кривична пријава против 18 лица од Скопје за убиство и обид за убиство кои се извршени во последните години, меѓу кои и убиството во „Шиша бар“. Има кривични пријави и за изнуда и за злосторничко здружување. Дел од пријавените во 2020 година создала група која имала за цел вршење на кривични дела убиства. Подготвувале планови и носеле одлуки за тоа кој, кога, каде и на каков начин ќе биде лишен од живот, а одлуките ги спроведувале лично или преку припадници на криминалната група кои ги прифаќале и спроведувале. Договорите биле пренесувани во непосредни контакти или преку телефон – кажа Тошковски на прес-конференцијата.

Со акцијата, додаде Тошковски, се расветлени дури 7 убиства, од кои само едно се случило во неговиот мандат. Расветлено е и двојното убиство во кафе барот „Шиша бар“, што се случи лани, а кое силно ја вознемири македонската јавност.

– Прашањето е, што правеа тие пред нас, што работеа? Дали работеа за граѓаните или за туѓи интереси? Како ние за неколку месеци разрешивме 7 убиства кои тие не ги решиле повеќе години. Што открија досега? Зошто не открија кои се сторителите, кои се нарачателите? Ќе следат многу интересни постапки, ова е само почеток. Ќе покажеме дека криминалот и насилството се неисплатливи. МВР постапува, Обвинителството се охрабри и постапува, останува на Судот дали ќе ја врати довербата со судските постапки – рече Тошковски.

На прашањето зошто е вклучена и војската во акцијата, Тошковски рече дека не е само армијата, туку е вклучена и секоја институција што може да помогне.

– Конкретно од војската користиме скенери и детектори. Вклучени се и багери од локалната самоуправа. Претресите уште траат – рече министерот.

Тој им се заблагодари на граѓаните кои живеат во реоните каде се вршени претресите за трпението и смиреноста што ги покажале.

– Вчера беше превземена една поголема акција, во која беше затворен добар дел од Скопје. Упатувам извинување до сите што живеат во Чаир, Арачиново, Сингелиќ, кои за жал, заради малкумина луѓе кои дел од банди, мораа да трпат немир, затоа што полицијата мораше да си ја заврши работата. Блокиравме многу улици, немаше никаков инцидент. Бладодарност до чесните и одговорни граѓани кои живеат во овие општини. Благодарност и до чесните полицајци. Упатувам порака до нечените, срам е за македонски полицаец да учествува во какво било поткопување на процесите кои треба да нè донесат до правдата – рече министерот.

На новинарско прашање дали била пробиена акцијата, тој одговори дека МВР вчера работела согласно со проценките кои ги имала и одговорила професионално и соодветно со тековните информации од терен.

- Advertisement -
Ad image

– Ако прашувате има ли нечесни полицајци кои повеќе соработуваат со криминалците, да, има. Ќе има постапка и против нив – рече Тошковски.

Тој додаде дека дел од осомничените се во затвор, дел се избегани пред подолго време.

– Еден од нив, на 10 минути пред да се влезе полицијата во објектот, го напушта. Не успеавме да го обезбедиме. Претпоставувам дека тоа е така затоа што му е дојавено од неечесни професионалци – рече министерот.

- Advertisement -
Ad image

На прашање дали партијата ДУИ им забранувала на некои полицајци да учествуваат во акцијата против мафијашката група, министерот потврди и додаде дека и тоа ќе биде расветлено.

– Ќе покажеме дека колку и да се смета дека полицијата нема капацитет и не функционира како швајцаркси часовник, туку е доведена на дереџе на швајцарско сирење, сè уште има полицајци кои ја сакаат Македонија, и тоа Македонци, Албанци, Турци итн, кои се спремни и животот да го дадат. Нема да е заборавено, а ако има докази за оние кои ги координираат нечесните, и за нив ќе има пријави. Заврши времето како до сега, не знам како тоа не им е јасно. Без разлика дали некој е екс премиер или вицепремиер, секој ќе одговара за кој има докази. Сè што е незаконито поседувано, пари, имот, хаиенди, мотори, злато, сè ќе биде предмет на кривична постапка, која се надевам дека ќе овозможи конфискација од страна на судот. Само така можеме да си ја нормализираме Македонија, никако поинаку. Ќе дојде тоа време – рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната прес-конференција.

Share This Article