Ќе сторам сѐ за да ја релаксирам атмосферата во делот на поднесување на барање и подигање на патните исправи, ќе сторам сѐ за граѓаните да се чувствуваат достоинствено во овој процес којшто треба да е најнормален, а е најненормален од денешен аспект, вели министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски.
– Тимот на луѓе со кои ќе работам и од првиот момент на моето номинирање најмногу го имам консултирано и внимание имам посветено, особено на ова прашање од организациски аспект. Ќе направиме сѐ за да го релаксираме процесот и ќе направиме се за граѓаните на Република Македонија да не останат заробени после 12 февруари. По оние информации што ги имам, за коишто не можам да тврдам со сигурност дека се точни, поради тоа што официјално допрва би требало да ги добијам, околу еден милион и 200 илјади пасоши се издадени со новото име. Ако имаме некаде два и пол милиони пасоши, уште околу толку значи треба да бидат издадени во наредниот период. Физички е невозможно да бидат издадени сите тие и физички е невозможно она што Министерството е должно да го направи кон граѓаните да го направи во една нормална атмосфера. Тоа е последница на сето она што го наследив, но моја работа и моја обврска е тој процес, пак ќе речам, да се реши и ве уверувам дека ќе најдеме начин како да ја релаксираме атмосферата од организациски аспект. Белким Министерството ќе може да обезбеди повеќе простори каде што ќе може луѓето да ги подигнат, ќе може подобро да се организираме внатрешно – од аспект на сликање. Најголемиот проблем е самото печатање и издавање на пасошите, значи печатењето, производството на пасошите е најголемиот проблем – вели Тошковски во интервју за „360 степени“.
Министерот изјави дека ќе присуствува на седница на владата предводена од Талат Џафери доколку тоа е приоритет за граѓаните и дека тој негов став не е во колизија со изјавата на лидерот на неговата партија Христијан Мицкоски дека министрите од неговата партија нема да му даваат отчет на техничкиот премиер Џафери и нема да одат на владините седници.
– Доколку е приоритет да присуствувам на седница на Влада – да, ќе присуствувам. Доколку е приоритет да го менаџирам работењето на МВР, во рамки на оваа институција, ќе го менаџирам овде. Доколку е приоритет да излезам на терен и да бидам помеѓу луѓето, ќе бидам на терен, така што се што е од приоритет и од интерес на граѓаните, ќе го спроведувам – истакна Тошковски.
Тој се надева дека ќе имаме фер и демократски избори и дека нема да имаме, како што рече, постапки непотребни како што имаше претходно. Во врска со изјавата на неговиот лидер дека „ќе биде хорор и ќе има корнење коси“, Тошковски рече дека претседателот треба да одговори за неговиот став.
– Но станува збор за емпирија, како било досега. На крајот на денот, наш предлог беше и да се укине техничката влада бидејќи се покажа како неуспешна претходно – додаде Тошковски.
Според него, при вчерашниот избор на преодната влада во собраниската сала имало негативна атмосфера и енергија, а кажа и зошто не бил со другите министри за заедничка фотографија по изборот.
Тој рече дека никој не му пристапил да му каже дека треба да се фотографира, но и да му пристапел, рече немало да оди.
– Од едноставна причина што сметам дека премиерот, начинот на којшто беше процесиран самиот овој процес, е прво нелегитимен, затоа што не ја ужива поддршката од граѓаните на начин на кој е дефиниран со Закон и, второ, е нелегален, затоа што не е предложен согласно Законот за Влада. Меѓутоа, јас ќе ги преземам во рамки на моето работење согласно Закон сите оние чекори кои треба да бидат преземени – изјави Тошковски.
Тој не смета дека е предложен за технички министер од ВМРО-ДПМНЕ поради пријателството со Мицкоски туку дека функцијата му е доверена врз основа на големото искуство што го има во областа на правото и адвокатурата, а дека „токму владеењето на правото е она што моментално е тотално дерогирано“.