Топлотниот бран Клеон во Грција се очекува да кулминира во текот на викендот, а метеоролозите прогнозираат дека високите температури ќе се задржат најмалку до крајот на месецов. Температурите ќе го достигнат 45 -тиот степен. Бранот започна пред два дена.
Панајотис Јанопулис, водечки грчки метеоролог рече дека ова може да биде најтоплиот викенд во последните 50 години, пишува Гардијан.
Периферијата Атика, поради најавените високи температури донесе одлука да бидат затворени парковите во поширокиот регион на Атина и да се одложат сите културни манифестации организирани од периферијата. Туристичките објекти ќе бидат затворени.
На граѓаните им е препорачано да не излегува надвор освен ако е апсолутно неопходно.
Директорот за истражувања во Националната опсерваторија во Атина Костас Лавувардос за грчката телевизија ЕРТ рече дека „податоците покажуваат дека топлотниот бран веројатно ќе биде во траење од 16-17 дена, нешто што досега не се случило во земјата“.
Грците се сеќаваат на страшниот топлотен бран од 1987 година кога имаше бројни смртни случаи.
Областа на западна Атина е меѓу најтешко погодените. Партнерите на Грција од ЕУ дадоа помош, вклучително и испраќање противпожарни авиони од Франција и Италија и повеќе од 200 пожарникари од Полска, Словачка, Романија и Бугарија.
Не стивнува ни шумскиот пожар на островот Родос. Петти ден по ред противпожарните сили од воздух и копно се справуваат со огнените јазици, јави дописничката на МИА од Атина.