Топланите „Запад” и „Исток” во Скопје во случај на недостиг на главниот енергенс – гасот, може да користат мазут како резервен енергенс во период од само 10 дена, а за негова понатамошна употреба потребна е согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање, изјави денеска директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски.
– Ставот на Министерството за животна средина и просторно планирање е дека на пазарот има гас и нема да се дозволи овие постројки да работат на друг енергенс освен на гас. И во нивните дозволи е наведено дека во случај да нема гас на пазарот, тие може да работат 10 дена на мазут. Државниот инспекторат ќе ја следи исклучиво дозволата што им е издадена – изјави Стојковски на денешната прес-конференција посветена на тековното работење на Инспекторатот, во одговор на новинарско прашање во врска со „планот Б” на ЕВН, доколку нема гас, да се користи мазут.
Дозвола за работа на мазут на топланите за 10 дена, вели им е издадена во претходниот период. Топланата „Скопје Север”, посочи тој, е под надлежност на Градот Скопје, а на останатите топлани за сите наредни активности по истекот на 10 дена, потребна им е дополнителна дозвола.
– За сите наредни активности што се надвор од дозволата, топланите мора да добијат согласност од МЖСПП. Државниот инспекторат за животна средина ги контролира актите што ги издава Министерството и тоа што пишува таму. Значи, не е стручен орган да дава мислење дали може да работат или не може. Ние го контролираме тој дел и кажуваме доколку сакате да работите повеќе од 10 дена треба да си обезбедите соодветна дозвола – вели директорот на Државниот инспекторат.
Сè што е надвор од она што е пропишано согласно законот, потенцира Стојковски, Државниот инспекторат ќе го санкционира, а зависно од големината на субјектот, казните се движат до 400 илјади евра.
– Ние не сме орган којшто одлучува во однос кој енергенс тие ќе го користат, така што ако Министерството им издаде дозвола да користат, ние ќе ги почитуваме документи и дозволи што ги издава МЖСПП, вели Стојовски прашан во однос на можноста топланите да користат дизел гориво, за што, како што речи, и до нив стигнала таква информација.