Топла, емотивна и искрена е приказната на Драгица Русевска Христова за животот со нејзината мајка откако таа заболува од деменција, која подмолно ѝ ги краде животот и спомените на мама Ракитка, но истовремено сериозно ги поместува виталните координати на сите други членови во семејството.
Книгата „Кога мама заборави дека ме сака“ (Топер, 2022) е романсирана исповед на ќерката-негувателка, како што се нарекува себеси авторката Русевска Христова, за тоа како е да се живее со некој кој го изгубил сопствениот идентитет, не ги препознава своите деца, не може да води самостоен живот ниту да каже како се чувствува.
Но, не била секогаш таква, убавата мама Ракитка. Таа изгледала четири деца, дочекала шест внуци и двајца правнуци. Била мошне грижлива мајка и баба и семејството ѝ било на прво место, особено откако нејзиниот втор сопруг починал ненадејно на 56 години.
Долг и мачен бил периодот додека се дијагностицирала состојбата на Ракитка. Членовите на семејствата на лицата кои имаат деменција или Алцхајмер не се подготвени ниту обучени да ги препознаат симптомите, за кои лекарите велат дека може да се јават и една деценија претходно. По неколку талкања низ лекарските кабинети и повеќе непријатни и необјасниви ситуации дома и со пријателите, семејството добило некаква дијагноза – деменција, Алцхајмерова или со Левиеви тела, никогаш не е утврдено.
„Да му станеш родител на сопствениот родител е сигурно последната ситуација во која може да се чувствуваме пријатно. Најмногу од сѐ чувствував тага и лутина, наизменично. Но се чувствував и осамено и изолирано“, пишува Русевска Христова.
Членовите на семејството не се соочуваат само со деменцијата на родителот, туку и со сопствените демони. Како да се однесувате со лице кое мисли дека му ги крадете алиштата, дека сте натрапник и во сопствениот дом на сиот глас моли за помош? Како да се однесувате со пријателите, со колегите, кога цело време мислите во каква состојба ќе го најдете домот и мама во него, кога ќе се вратите? Како да продолжите да го живеете својот живот кога гледате како венее родителот а вие не можете ништо да сторите околу тоа?
Старателите што негуваат болен од Алцхајмер во домашни услови, во речиси две третини од случаите, страдаат од депресија и од анксиозност, проследени со чувство на беспомошност и безнадежност, а истовремено и со чувство на вина. Таквите луѓе се чувствуваат како да се во стапица, изолирани се, ретко се смеат, ја губат животната радост и имаат нагон да побегнат од сѐ.
Русевска Христова со својот раскажувачки талент вешто и духовито нѐ движи низ животот на мама Ракитка и ни ги доловува и ситуациите на кои можеме искрено да се насмееме. Такви се „проблесоците“ во меморијата на жената на која ѝ се украдени многуте спомени, но не и сеќавањето за „брендот“ Амди Бајрам, како ни за педикерката од младоста во „Нама“, а особено не за црвениот кармин без кој не се оди ни на Ургентно…
Книгата „Кога мама заборави дека ме сака“ е патоказ за оние коишто во моментов во семејството се соочуваат со деменцијата, како и порака дека животот е сега и тука. Макар и кога родителот ќе заборави дека ве сака, вие сте тие кои ќе му пружате љубов, ќе го гледате како дете од кое нема да очекувате да биде возрасен поради тоа што така ви сугерираат неговите години и неговото тело, а при тоа нема да се изгубите себеси во лавиринтот на деноноќната нега и на крајот ќе ги паметите само убавите денови.