Новиот филм на Том Круз „Топ Ган: Маверик“ во првиот викенд од прикажувањето во рекордни 4.732 северноамерикански кина заработи 134 милиони долари, а упатените веруваат дека акционата авантура на „Парамаунт“ и „Скајденс“ до понеделник ја надминала бројката од 150 милиони долари, иако очекувањата биле многу поскромни.
„Вариети“ пишува дека ова е резултат на одличните критики, огромната носталгија и враќањето на Круз во пилотската кабина на авионот со кој изведува бројни акробации како пилотот Пит Маверик Мичел.
„Топ Ган: Маверик“ е филмот со најголема заработка во 40-годишната кариера на Круз и неговиот прв филм кој надмина 100 милиони долари заработка во првиот викенд од прикажувањето.
Имено, продуцентите ја таргетираа публиката над 40 години, демографската група која најмногу се двоуми кога е во прашање враќањето во киносалите.
Филмот би требало да допре и до помладата публика, оние кои не биле ниту родени кога „Топ Ган“ првпат беше прикажан пред 36 години.
Дејвид А. Грос, кој ја води филмската консултантска фирма „Franchise Entertainment Research“, смета дека податоците за интересот на публиката и досегашната заработувачка се извонредни.
„Оригиналниот материјал е исклучително интересен, актерската изведба е одлична, а Том Круз придонесе сѐ да оди совршено“, рече тој.
И покрај безбројните одложувања на премиерата на продолжението на филмот, кој требаше да се појави во кината за прв пат во летото 2020 година на почетокот на пандемијата на коронавирус, успехот не изостана.
На „Топ Ган: Маверик“ му треба кино публика за да го оправда големиот продукциски буџет од 170 милиони долари, кој не ги вклучува десетиците милиони долари потрошени за промоција на филмот ширум светот.
Дел од средствата отидоа за премиерата одржана на Канскиот филмски фестивал.