Тие беа „очите на Израел на границата“, но нивните предупредувања од Хамас останаа нечуени, пишува Би-Би-Си за три интервјуирани девојки војници од единицата „тацпитањот“ од Израел кои со денови пред нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври ја предупредувале армијата дека нешто се спрема.
„Овие жени не беа единствените што го кренале алармот, а како што се собираат повеќе сведоштва, гневот кон израелската држава – и прашањата околу нејзиниот одговор – се зголемува“, пишува Би-Би-Си.
Има неколку од овие единици до оградата на Газа, а други на различни позиции долж границите на Израел. Се работи за млади жени, на возраст од доцните тинејџерски години до раните 20-ти. Тие не носат пиштоли.
Жените обично седат во собите блиску до границата, гледајќи со часови секој ден во снимките од живиот надзор снимени од камерите долж високотехнолошката ограда и балони кои лебдат над Газа.
На некои од овие жени им било јасно дека Хамас планира нешто големо дека имало, според зборовите на Ноа, „балон што ќе пукне“. Би-Би-Си дошол и до пораки на социјалната мрежа ВатсАп кои жените ги испраќале во месеците пред 7 октомври.
Кога жените ќе видат нешто сомнително, тие го запишуваат со нивниот командант и на компјутерски систем за да го проценат повеќе високи функционери.
Набљудувачите имаат различни мислења за тоа зошто нивните извештаи не добиле поголем одзив, но набљудувачката Абигејл го дели мислењето на неколкумина со кои разговаравме:
– Тоа е затоа што ние сме најнискиот тип војник во системот… па нашиот збор се смета за помалку професионален.
Девојката со прекар Рони вели:
– Сите нé гледаа само како очи, не гледаат во нас војник.
Британскиот генерал Амир Авиви, поранешен заменик-командант на дивизијата Газа, не верува дека сексизмот бил фактор, но се согласува дека требало да се направи повеќе за да се одговори на грижите на набљудувачките.
Тој вели дека „најголемиот неуспех“ беше „претпоставката дека тие (Хамас) се враќаат“ – претпоставката дека „да, тие тренираат, да имаат план, но нема да го спроведат“.
Жените, исто така, почнале да забележуваат чудни промени во моделите на однесување долж границата. Фармерите од Газа, фаќачите на птици и сточарите со овци почнале да се приближуваат до граничната ограда, велат тие.
Набљудувачката со прекар Ноа, исто така, се сеќава дека тие сé „поблиску и поблиску“ до оградата.
– Птичарите ги ставаа своите кафези токму на оградата. Чудно е затоа што тие можат да го стават кафезот каде било. Земјоделците исто така би се симнале веднаш до оградата во област која не е земјоделска и нема друга причина освен да соберат информации за системот и да видат како можат да го поминат. Ова ни се чинеше сомнително – вели таа за Би-Би-Си.
Во нападот на 7 октомври базите каде овие жени набљудувале биле првите места каде Хамас провалил. Додека Хамас навлегуваше низ Нахал Оз, тие убија десетици луѓе, меѓу кои и жени набљудувачи. За време на нападот жените се збогувале една со друга на групата на ВатсАп не знаејќи дали ќе преживеат.
Набљудувачката Ноа, која не бил на должност и ги читала пораките од дома, се сеќава дека мислела дека „ова е тоа“ за коешто претходно со денови претчувствувале дека ќе се случи.