Петмината штипски пожарникари-спасувачи, кои учествуваа во спасувачката мисија во Турција по катастрофалниот земјотрес ќе добијат дополнително по една просечна плата, а воедно откако ќе пристигнат во Штип ќе имаат и прием во кабинетот на градоначалникот, Иван Јорданов. Тој денеска истакна дека пожарникарите веќе се на пат кон Штип и очекува да пристигнат најдоцна оваа вечер.
– Во текот на вчерашниот ден искомунициравме со тимот на пожарникари од општина Штип којшто замина во Турција. Тие веќе се тргнати, се на пат да се вратат во Штип. Како што напоменав, како на наши сограѓани, им ја должиме целата почит, затоа веднаш по нивното пристигнување ќе организираме еден прием во кабинетот за да се заблагодарам за целиот приоднес, за целата пожртвуваност којашто ја дадоа во име на сите наши сограѓани. Она што можам да го кажам е дека најмалку што можеме да направиме е да им се заблагодариме со еден скромен надоместок, со една дополнителна просечна плата, за хуманоста, пожртвуваноста која ја покажаа на дело – вели Јорданов.
Општина Штип донираше и финансиски средства, воедно и испрати и тим од пет пожарникари, кои во Адијаман пристигнаа на 10 февруари. Нивната акција заврши вчеравечер, кога работеа на објект од кој, за жал, сѐ уште се извлекуваа само мртви луѓе.
Од Турција вчера се вратија и спасителите од Струмица и од Тетово. Струмичкиот градоначалник Костадинов исто така им вети една плата на спасителите. Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами организираше прием за деветте пожарникари кои беа да помагаат во подрачјата погодени со земјотрес во Турција. Според Касами оваа природна непогода покажа колку е потребно пожарникарите да бидат добро опремени.
-Во име и на сите граѓани им заблагодарив за нивното учество за справување со последиците со земјотресот. Се молиме и се надеваме дека вакви ситуации и вакви катастрофи нема да се случат во иднина. Една од главните наши цели противпожарната единица и спасувачката единица во рамки на ТППЕ да биде една од најмотивираните и една од најдобро подготвените во рамки на државата сè со цел да бидеме подобро подготвени и да се справиме со вакви ситуации. Разговаравме во иднина ТППЕ да биде подготвена што подобро со постојани обуки и усовршување – изјави Биљал Касами.
Командирот на ТППЕ Авни Амети порача дека со зборови тешко може да се опише ситуацијата во Турција.
– Нема зборовите што може да се кажат за ситуацијата што се случува таму. Ние бевме среќни кога спасивме живот на 38 годишна жена, не само ние како ТППЕ туку беа пожарникари од Струмица, Чаир, ДЗС, работевме шест часа за да ја извадиме жената жива и здрава. Таму беше хаотично, се знае, населението е во лоша и тешка состојба, излеговме во пресрет на сите што ни побараа да помогнеме. Ова беше втора наша мисија во такви услови но во Турција беше целиот град урнат и беше многу тешко да се справиме со таа ситуација – изјави Авни Амети.
Покрај командирот Авни Амети во екипата беа Енис Рамани, Хизри Алити, Неби Беќири, Веби Сефери, Шафи Нухија, Бобан Трпковски и Хекуран Мустафи.