Во германската економија годинава има сѐ повеќе случаи на големи банкроти, покажува студијата на осигурителната компанија за кредити Алијанц Трејд.
-Големите несолвентности се вратија оваа година и се со рекордна стапка, како што беше во 2020 година – истакнува експертот за трговски сојуз, Максим Лемерл.
Во досегашниот тек на годината, особено големи стечаји има во секторите модна малопродажба, во болниците и машинството.
Алијанц трејд под големи инсолвентности подразбира банкрот на компанија чиј годишен обрт е најмалку 50 милиони евра, пренесува ДПА.
Веќе во првите десет месеци од годинава регистрирани се 45 поголеми банкроти на компании што е алармантна бројка што се приближува до најкризната 2020 година во периодот на епидемијата со корона. Лани за истиот период имало 26 големи банкроти, а во 2021 година пропаднале 17 големи компании.
Рекордна е 2020 година, кога имаше најмногу случаи на банкротирани компании по 2016 година. Во текот на целата панедемиска година регистрирани се 58 случаи, од кои 44 се во првите три квартали.
Во новиот бран најзагрозени се текстилните компании и здравствениот сектор. Од јануари до септември годинава, во Германија банкротирале 12 големи текстилни компании и модни продавници и 6 клиники, а затворени се над 15.000 ресторани.
„Ова се совпаѓа со податоците на Германскиот болнички институт (ДКИ), според кој две третини од германските клиники моментално ја опишуваат својата финансиска состојба како лоша или многу лоша, а меѓу нив најбројни се клиниките со средна големина“ – истакнуваат од Алијанц Трејд.
Во машинството банкрот прогласиле 5 големи компании, во металскиот сектор 4, а во градежништвото пропаднале 3 компании.
Но, кога ќе се земат предвид компаниите од сите големини, најмногу банкроти има во градежништвото, потоа во трговијата и во услужниот сектор.