Жена од Тексас е обвинета за обид за убиство и за повреда на дете откако се обидела да удави 3-годишно дете во базен во станбен комплекс додека извикувала расистички изјави, објави Њујорк тајмс.
Локалниот огранок на Советот за американско-исламски односи соопшти дека детето е од палестинско семејство и ги повика надлежните органи да го истражат инцидентот бидејќи можно е да станува збор за злосторство од омраза.
Полицијата на 19 мај добила дојава за конфликт меѓу две жени на базенот на станбениот комплекс. Очевидци сведочеле дека пијаната Елизабет Волф (42) се обидела да го удави малото девојче и се расправала со мајката на детето.
Мајката во полиција изјавила дека Волф ја прашала од каде е и дали двете деца кои си играле во базенот се нејзини.
Советот наведува дека мајката на детето носела хиџаб, односно исламска марама и покривен костим за капење на базенот.
Според полицијата, Волф почнала да ѝ кажува на жената дека не е Американка, а потоа го грабнала нејзиниот шестгодишен син.
Откако момчето успеало да се ослободи, Волф ја грабнала тригодишната ќерка и ја почнала да ја дави.
Мајката на крајот успеала да ја извлече својата ќерка од водата, по што девојчето ја искашлало водата.
– Ние сме американски државјани, по потекло од Палестина, и не знам каде би отишла за да се чувствувам безбедна со моите деца. Во мојата земја има војна и тука се соочуваме со омраза. Мојата ќерка е трауматизирана. Секогаш кога ќе ја отворам вратата од станот, таа бега и се крие, се плаши да не дојде госпоѓата повторно за да ја удави – рекла мајката.
Пратеникот од Тексас, Салман Бојани, рече дека е шокиран и ужаснат од наводниот расистички и исламофобичен инцидент.
– Нема место за омраза ниту во Ојлес, ниту каде било во нашата земја – рече тој и се заблагодари на полицијата за брзото апсење.