Кандидатот за претседател на коалицијата Вреди Арбен Таравари денеска го претстави вториот дел од неговиот кабинет ако победи на изборите на 8 мај. Станува збор за уште една група експерти, кои се докажани професионалци во академскиот свет, во приватниот и во јавниот сектор.
– Покрај стручноста и професионалниот придонес, секој од нив ја докажал и својата посветеност на сеопфатен општествен напредок во одредени каузи. Овие луѓе најдобро ја знаат и ја претставуваат реалноста на нашето општество. Сите тие ја делат истата посветеност да им служат на граѓаните на Северна Македонија, без етнички, верски или политички разлики – рече Таравари.
Тој рече дека амбасадорот Халим Хида ќе биде дипломатски советник на Претседателството. Амбасадорот Хида докторирал на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, на Филозофскиот факултет. Моментално е амбасадор на мирот во светот и претседател на Здружението на албанските интелектуалци во Куманово и во Липково.
Јасмин Калац ќе биде правен советник на Претседателството. Јасмин магистрирал право на Универзитетот „Кирил и Методиј“, а докторирал кривично право на Универзитетот во Анкара, Турција. Јасмин работел во Основното јавно обвинителство Скопје, а сега е правник и предавач на Меѓународниот Балкански Универзитет.
Урим Вејсели ќе биде советник за безбедност и заштита. Тој е доктор по политички науки, вонреден професор, предавач на повеќе факултети во Република Северна Македонија и Косово, гостин-говорник на Универзитетот Џон Хопкинс во САД и на Институтот за одбрана за меѓународни правни студии во САД. Автор и коавтор на научни трудови со импакт фактор. Експерт за одбрана и управување со кризи.
Д-р Аријанит Река, портпарол, вонреден професор на отсекот хемија при Факултетот за математичко-природни науки на Универзитет во Тетово. Фулбрајт алумни од Соединетите Американски Држави, докажан професионалец, автор на многу научни публикации.
– Со овој одличен тим од докажани професионалци, имам непоколеблива доверба дека ќе ги носиме напред идеалите на Вреди, кои всушност се најточниот одраз на очекувањата и надежите на граѓаните за промени, просперитет и благосостојба за земјата и за нивните семејства. Со овие луѓе со добра волја ќе ги надминеме предизвиците пред нас и ќе ја урнеме 22-годишната тиранија на владејачката партија. Затоа велам промената вреди – рече Таравари и ги повика граѓаните да им се придружат на ова патување со нивните идеи и барања.
– Јас и мојот тим сме тука да ве слушаме. Ќе слушаме, ќе разговараме и ќе се грижиме за секој од вас. Како претседател, заедно со овој тим, ќе бидеме обединувачки фактор и ќе работиме во најдобар интерес на сите граѓани на Северна Македонија, но и на генерациите што ќе дојдат после нас – порача Таравари.