Светската здравствена организација (СЗО) денеска ги повика сите земји да ги споделат своите информации за потеклото на коронавирусот, откако американските власти оценија дека инцидент во лабораторија што ја предизвика пандемијата.
Директорот на американското Федерално биро за истраги (ФБИ), Кристофер Вреј, неодамна изјави дека коронавирусот најверојатно се проширил преку инцидент во кинеска лабораторија. Ваква оценка даде и американското Министерство за енергетика.
Последните денови потеклото на пандемијата на коронавирусот повторно го привлече вниманието на светот.
– Ако некоја земја има информации за потеклото на пандемијата, од суштинско значење е тие информации да ги сподели со СЗО и меѓународната научна заедница – рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Според него, не се работи за „посочување на вина“, туку за разбирање како започнала пандемијата за да се спречат идни епидемии.
Претставничката на СЗО Марија ван Керхове рече дека агенцијата побарала информации за ова од високи претставници на американската мисија во ОН во Женева.
– Испративме барања за информации за последниот извештај од Министерството за енергетика, но и за дополнителни извештаи од различни американски агенции – рече таа, додавајќи дека СЗО во моментов нема пристап до тие извештаи или до податоците врз основа на кои се направени извештаите.