Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска, во младоста имал проблеми со зависности, ама се излекувал пред да се ожени, откри денеска неговиот татко Зоран Ѓорчевски, кој даваше исказ во судницата за случајот поврзан со грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска.
На прашањето од обвинителката како дознал дека неговата внука е исчезната, тој одговори дека случајно се слушнал телефонски со неговата поранешна сопруга, мајката на Александар Ѓорчевски.
– Јас сум во постојан контакт со семејството, се јавив да прашам како се. Се јавив, мајка му на Сашо плачеше, ме извести дека ја нема Вања. Ние сме 40 години разведени. Го побарав на телефон Александар за да ми каже што се случува и тој ми рече дека ја нема Вања, не е стасана на училиште. Јас реков кажете што треба во секое време да се вклучам – рече Зоран Ѓорчевски.
Дали преземавте вие некакви дејствија?
– Не, јас сум пензионер, какви дејствија да преземам.
А што побара Александар од вас?
– Да се јавам кај мои бизнис пријатели, да се вклучат, да помогнат кој може да помогне. Јас се јавив кај деловен партнер и во Грција да проверам дали таму, во нивните комуникации, во печатот, има некаква информација.
Го познавате ли Гоце Трајковски? – праша обвинителката.
– Ние сме семејно кумство, со фамилијата Траковски. Во контакт со семејството знам дека и Гоце учествувал во истрагата. Преку ќерката ги дознавав работите, која беше таму цело време, Оли Ѓорчевска.
Работеше ли Александар?
– Како не, работеше цело време, со прекини од 2,3 месеци, во Фершпед, во Кометал, па пак во Фершпед. Кога се случи настанот, не работеше никаде два три месеци. Се издржуваше со пензијата на мајка му, со мојата пензија, ние помагаме на семејството.
Колкава е пензијата на вашата бивша сопруга?
– Не знам, прашајте ја неа.
Имаше ли долгови?
– Немаше долгови.
Имаше ли зависности?
– Да, се излекува, па стапи во брак.
Со каква зависност?
– Немаше никакви проблеми, вообичаени во младоста, беше, се излечи, па после се ожени. Не паметам во кои години беше тоа.
Ви беше ли познато кој е сопственик на станот на Н.Н. Борче?
– Нивна работа е што поседуваат во нивниот брак, што како купиле е нивна работа, тие се семејство.
Се познавате ли со Љупчо Палевски?
– Не се познавам.
Познато ли ви е дали родителите на Зорица се познаваат со Палевски?
– Не. Јас имам деловни контакти, се познавав и со таткото и со мајката на бившата сопруга на Сашо.
По сведочењето на Зоран Ѓорчевски, исказ даде и мајката на Александар Ѓорчевски.
Ви ја пренесуваме комуникацијата со јавниот обвинител:
Од кога живееше Сашко со вас во станот на булевар Партизански Одреди?
– Пред бракот живееше со мене и пак се врати по разводот во 2018 година.
Работеше ли Алесандар?
– Да, работеше, има 22, 23 години стаж. Само една година не работеше, во 2023 година, имаше некои проблеми на работа. Од 2009 до 2016 работеше во Кометал. И мајката на Вања работеше.
Кој ги чуваше децата?
– Сашко.
Значи одел на работа и ги чувал децата?
Кога се родија децата Сашко престана да работи.
Од што живееше Сашко?
– Ние сме голема фамилија, си помагаме.
Колкава е вашата пензија?
– 20.000 денари, ама ми помагаше бившиот сопруг, ќерката, ние сме голема фамилија.
Имаше ли Сашко долгови?
– Не.
Зависноти?
– Да порано, пред 30 години.
Од што?
– Од дрога.
Како заврши тоа?
– Успешно се илекува. Тоа беше одамна.
Каде беше Сашко на 27.11.2023 година?
– Утрото беше дома, ми рече дека му се јавила Зорица и му кажала дека Вања ја нема, се облече и истрча. Кај 9 му се јавив, дали ја нашле. Рече, не мамо, во полиција сме, пријавивме, ја нема Вања. Мене ми се вртеа разни мисли, размислував што му се случило. Јас како баба помислив на најлоши работи, дека е грабната за органи, за проституција. Како одминуваше времето, сѐ полошо ми беше. Јас седев дома, ќерката ми се јавуваше да ми каже дали нешто нашле, дали имаат трага.
Дали го познавате Гоце Трајковски?
– Имав слушнато за него, тој е старо кумство на свекор ми, Сашко му беше кум на Гоце, ама долг период не контактираа.
Се познавате ли со Палевски?
– Не. Не го знаеме тој човек. Не бил споменуван во нашиот дом никогаш.
Прашање постави и адвокатот на Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ:
Рековте дека Александар го пуштил на спикер телефонот кога зборувал со зорица. Што точно слушнавте?
– Таа му кажа дека Вања ја нема, дека не стигнала на училиште. Тој се облече набрзина и излезе.