„Уметниците во чест на светите браќа Кирил и Методиј“ беше насловен свечениот настан кој во чест на големиот празник, се одржа вчеравечер во црквата „Света Софија“.
За музичкиот дел од програмата се погрижија учениците од ОМУ „Методи Патче“ во класата на м-р Даниел Чуркоски и младата охридска пијанистка Викторија Митеска. Во рамки на свеченоста за животот и делото на сесловенските просветители беседеше Проф. д-р Димитар Пандев, а беше отворена и изложбата на фотографии „Охрид во духот на средниот век“ од Славчо Малезанов.
На почетокот на програмата во името на Општина Охрид пред присутните се обрати заменик градоначалникот, Перчо Божиновски.
-Неопислива е радоста и огромно е задоволството, на овој голем празник посветен на нашите просветители, светите браќа Кирил и Методиј да се биде вечерва тука, во овој преубав амбиент и да се ужива во едно уникатно музичко патување, приредено од младите таленти, кои се гордост за сите нас.
Оваа можност сакам да ја искористам и да упатам благодарност до организаторите, кои со својот труд и посветеност продолжуваат во континуитет да ја приредуваат оваа културна манифестација, која покрај свечената музичка програма ќе ни понуди и други уметнички содржини, кои се достојни да бидат слушнати и видени, токму на овој ден.
Епохалното дело на светите браќа како основоположници на нашата писменоста и култура има неизмерна важност за Охрид, за македонскиот народ, за Македонија и за целиот славјански свет. Не постојат избрани зборови со кои може да се долови нивната големина, нивната сила и нивното трудољубие, на патот кон божјата промисла.
“Но кој оратор, каков панегирик може достојно и пристојно да ги пофали светите Кирил и Методиј? Најголемата за нив пофалба е оти папата, денешниот папа римски, откако им ги оцени маките и трудот, откако ја оцени големината на нивните дела ги нарече рамноапостоли и издаде заповед, строга повелба низ сета своја паства да го празнуваат сите тие денот на Кирил и Методиј. И така денеска сиот славјански род го празнува великиот празник….”
Овие зборови, искажани од големиот преродбеник Григор Прличев нека бидат нашиот мотив и нашата инспирација да продолжиме да го чуваме и вреднуваме споменот на Кирил и Методиј и достојно да ја фалиме и славиме нивната светост.
Почитувани, во духот на верата и православието, во мое лично име и во името на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, ви упатувам срдечни честитки по повод денешниот голем празник со желби за добро здравје, благосостојба и посветла иднина. Нека е вечно името на нашите светители и учители, а чествувањето на нивните вредни дела да го оставиме како аманет за идните генерации, истакна Божиновски во своето обраќање.
Свеченоста беше организирана со поддршка на Општина Охрид во рамки на програмата за одбележување на 24-ти мај, Денот на сесловенските просветители.