На 27 март 2013 година, тогашниот Директор на УБК Сашо Мијалков, според тврдењата на поранешното СЈО, во два наврати му се јавил на лидерот на ДПА, Мендух Тачи, за да побара од него поддршка во Државната изборна комисија да се изгласале приговори на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во Струмица, каде се судрија Зоран Заев и Васил Пишев.
Двата разговори, како што докажуваше тогаш СЈО, се случиле вечерта после 23 часот, со што тие сметаа дека Мијалков го сторил кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание”. Освен тој телефонски разговор, нема ниту едно друго дејствие кое што му се става на товар на Мијалков.
Имено, ДИК ги прифатила приговорите на ВМРО-ДПМНЕ со четири гласа „за“, а потоа предметот по жалба на СДСМ стигнал во Управниот суд. Жалбата од судот е отфрлена како неоснована, по што одлуката е вратена назад и ДИК со седум гласа „за“, вклучувајќи ги и гласовите на членовите од СДСМ, донел одлука да се прегласува во Струмица.
Синоќа, околу полноќ истекоа точно десет години од моментот кога, според СЈО, е извршен спорниот разговор на Мијалков, односно од моментот кога е извршено делото.
Кривичниот законик, кој во Глава 10 ја третира застареноста на делата, во член 107 предвидува дека едно дело за кое е запретена казна затвор над 3 години, не може да се гони доколку поминат 5 години од извршувањето. Овој член е важен, поради тоа што во следниот член 108, кој се однесува на текот и прекинот на застарувањето на кривичното гонење, децидно се вели:
„Застареност на кривичното гонење настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што според законот се бара за застареност на кривичното гонење“.
Тоа практично значи дека за ова дело, за кое можноста за кривично гонење застарува за 5 години, апсолутната застареност настапува за 10 години. За Мијалков таа настапила вчера. На Апелациониот суд не му останува ништо друго освен да констатира дека по закон делото за Мијалков е застарено.
Некој во Апелација повторно го злоупотребува угледот на судот и пушта попладневни покани за медиуми
Вчера доцна попладнето на интернет страницата на Апелациониот суд Скопје, осамна несекојдневно соопштение, во кое што судот ја кани јавноста на јавна седница.
„Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека јавната седница пред судот, по кривичниот предмет КОКЖ-43/23, во јавноста познат како ‘Титаник’, е закажана за ден 30.03.2023 година во 11 часот и 30 минути“ се вели во соопштението на Апелација.
Некои медиуми дознаа дека ваквата покана е испратена веднаш откако Апелација го добила одговорот од Вишото јавно обвинителство, без да го прашаат судот како успеал во така рекорден рок да го проучи предметот и да закаже јавна седница.
Како и да е, повеќе членови во Законот за кривична постапка го регулираат начинот на повикување на обвинетите, а таму не се предвидува ноќна покана преку медиуми во која се вели „дојдете задутре во 11.30“.
Напротив, членот 476 пропишува:
„Поканата до обвинетиот мора да се достави така што меѓу доставувањето на поканата и денот на главната расправа да остане доволно време за подготвување на одбраната, а најмалку осум дена. По согласност на обвинетиот, овој рок може да се скрати“.
Овој рок од најмалку 8 дена е предвиден и во членот 348, кој исто така ги утврдува начините на кои што се испраќаат покани и се закажува расправа.
Ова е втор кикс за две недели којшто заради притисоци и брзање го прави Апелација
Плусинфо веќе пишуваше за скандалите кои го следат овој предмет, а последниот беше одземањето на правото на Мендух Тачи да испрати желба на првостепената пресуда.
Имено, без да се почитува законски предвидениот рок за жалба од 15 дена, според тогашните наши сознанија, некому му текнало да притисне за предметот да биде испратен некомплетен во Апелација. Наместо Апелација да го врати назад, судијата известител направил преседан и скандал кој може да повлече и кривична одговорност, па одлучил предметот некомплетен да го испрати на мислење во Вишото јавно обвинителство. Кога од страна на колегите ѝ била предочена одговорноста на Тања Милева, таа во паника го повлекла назад и според наши информации, го вратила предметот назад во Основниот суд со укорувачки допис.
Немаше никаква реакција во однос на веродостојноста на информациите на Плусинфо, но што е уште поважно, немаше ниту барање на некаква одговорност од „брзите кучки“ во Апелација, кои заборавиле на основните законски претпоставки и процедури , односно почитување на рокот за право на жалба.
Обвинението на СЈО и првостепената осудителна пресуда веќе еднаш доживеаја тежок дебакл
Апелација еднаш веќе констатираше дека првостепениот суд, при постапувањето по овој предмет, сторил бројни суштествени повреди на постапката од апсолутен карактер, поради кои одлуката била во целост незаконита и неправилна. Жалбениот совет констатирал дека утврдените факти што го чинеле законското обележје на кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите во целост противречат на содржината на изведените докази, а воедно првостепениот суд неосновано се впуштил и утврдувал факти за постоење на кривична одговорност за лица кои немаат својство на обвинети во конкретната постапка.
За да нема забуна и за да не се повторува истиот срам, Апелација тогаш даде кристално јасни насоки до ЈО и Кривичниот суд за натамошно постапување по предметот.
Еве што точно се вели во насоките:
При повторното постапување, првостепениот суд, имајќи го предвид сѐ она што е погоре наведено, да ги отстрани констатираните суштествени повреди, повторно да ги цени изведените докази поединечно и во склоп на една целина, па врз основа на изведениот доказен материјал правилно да ги утврди сите решителни факти во предметот.
Со оглед на фактот дека во истрага на обвинетиот Бедредин Ибраими му биле презентирани и два други разговори за кои тој тврди дека даваат сосема поинаков контекст на случајот, а подоцна мистериозно исчезнале од предметот, Апелација порача:
Согласно праксата на Европскиот суд за човекови права, обвинителството е должно да ги обелодени сите материјали што ги поседува, а кои би можеле да му помогнат на обвинетиот, бидејќи одбраната има еднакво право на информација за сите докази во постапката кои ги поседува обвинителството, сѐ со цел да се добие целовитост и правилен контекст во која насока се водени телефонските разговори.
Апелација констатира дека првостепената пресуда е погрешна и во делот кој се однесува на разговорот на Мијалков со Тачи и констатира дека Тачи по закон не е одговорно лице за Мијалков да изврши влијание врз него за кое потоа би бил гонет. Апелација заклучува:
Таква можност да нареди како да се врши определено дејствие во државните институции не му е дадена на обвинетиот Мендух Тачи како Претседател на партија, ниту со Статутот на партијата, ниту со кој било позитивен пропис и таквото дејствие е спротивно на неговата должност да го почитува Статутот на партијата каде што е одговорно лице.
Апелација во својата пресуда изрази зачуденост и околу постоењето на соизвршителство меѓу членовите на ДИК, нагласувајќи дека во таа насока ниту се предложени, ниту се изведени докази од кои би произлегла заедничка волја за извршување на кривичното дело.
ЈО и Основниот суд повторно ги игнорираа напатствијата на Апелација
Наместо да го исправат „Титаник 2“ и да постапат по напатствијата, ЈО одлучи да си тера по старо. Единствено на последното рочиште изврши преквалификација на делата, без да понуди ниеден нов аргумент. Судот, од друга страна, наместо да собере сили и да покаже дека има интегритет и дека нема да дозволи неосновани обвиненија да се влечкаат со години, повторно донесе осудителна пресуда, која сега е обжалена.