More

    Судијата Илија Трпков си ги зачисти чевлите со законите во „Таргет-тврдина“

    spot_img

    Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) не донесе мериторна одлука во однос на аболицијата дадена од претседателот Ѓорге Иванов и реши таа обврска да им ја препушти на домашните судови. Стразбур ги охрабри нашите судови сами директно да ја применат Европската конвенција за човекови права, бидејќи сметаше дека апликантите кои се жалеле и барале европска правда, не ги исцрпеле сите правни лекови пред домашните инстанци.

    Наместо да ги почитува насоките од Стразбур и на странките да им овозможи побрзо да ги остварат своите права, односно доколку не се задоволни од одлуките што е можно поскоро да ги исцрпат сите правни лекови дома, на Трпков „му текна“ да го одбие барањето со процесна, усна одлука, за која што само ги информираше обвинетите дека немаат право на жалба. Трпков вчера одлучи дека не го прифаќа барањето на одбраната да запре постапката поради дадената аболиција, образложувајќи дека аболицијата не е на сила. Но, тој не дозволи тие да се пожалат до повисоките судски инстанци и со тоа да се испочитуваат препораките на Стразбур. Тоа значи дека ЕСЧП залудно ги охрабрувал судиите да носат одлуки, кога обвинетите повторно ќе мора да чекаат првостепена пресуда, па потоа да се надеваат дека второстепениот суд ќе одлучи во соодветен рок.

    Која е причината што Трпков не донесе вонпроцесна одлука, на која што обвинетите би имале право на жалба, веројатно си знае тој и тие што го советувале, но доколку бил убеден во исправноста на неговата одлука, тогаш според адвокатската фела, требало истата да ја тестира уште во оваа фаза пред повисоките инстанци, вклучувајќи го и ЕСЧП.

    За Трпков не важат ниту домашните закони

    Силвана Златкова, една од обвинетите во „Таргет-тврдина“, отсуствуваше од рочиштето поради здравствени причини. Откако нејзиниот бранител ги образложи причините и побара рочиштето да биде одложено, Трпков, наместо да покаже хуманост и да го стори тоа, ја одвои постапката за неа, без да побара медицинска документација. Според одбраната, неговата одлука е надвор од законот, бидејќи таа не е поткрепена со релевантна медицинска дијагноза.

    Со неа или без неа, Трпков реши да си го продолжи рочиштето. Наместо Јавното обвинителство, тој одлучи да си ја преземе неговата улога и самиот, по негов ред, да кани сведоци. Одбраната реагираше, но нивните реакции беа одбиени, со образложение дека уште во обвинението биле наведени сведоците.

    Иако за овој предмет круцијални сведоци се Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски, ниту новиот судечки совет, ниту Трпков, ниту јавноста немаа можност да ги слушнат во повторената постапка. Двајцата „свиркачи“ кои беа обвинети во предметот „Пуч“, дека вклучувале броеви на слушање без ничија наредба и ги иззнесувале прислушуваните разговори, за Трпков не беа доволно интересни за да побара да ги слушне нивните изјави. Напротив, тој одлучи дека е доволно обвинителството да ги праша дали тие остануваат на претходниот исказ и истото да влезе на записник.

    Адвокатот Љупчо Шврговски му посочи на судот дека членот 371 од Законот за кривична постапка предвидува: „Главната расправа која е одложена почнува одново ако се изменил составот на советот или судијата поединец. Со согласност на странките, советот може да одлучи определени сведоци и вештаци да не се сослушуваат повторно, туку да се прочитаат нивните искази внесени во записниците од поранешната главна расправа“. Шврговски го предупреди судот дека советот е нов и дека одбраната не се согласува судот само површно да помине преку исказите на сведоците, но барањето сведокот одново да биде сослушан беше отфрлено.

    Адвокатот Петар Василев се повика на членот 388 од истиот закон, кој предвидува кога мора непосредно да се испитуваат сведоците и кога има исклучок од тоа правило „Доколку докажувањето на еден факт се заснова врз забележување од некое лице, тоа треба лично да се испита на главната расправа, освен во случаите кога се испитува заштитен сведок согласно со членот 228 од овој закон. Испитувањето не може да се замени со читање на записник од негов претходно даден исказ, ниту со писмена изјава“. Во конкретниов случај, Василев смета дека не се исполнети предусловите да се занемари директното испитување. Според него, начинот на кој што Трпков ги испитувал сведоците е недозволен и несериозен за вакво обвинение, за кое се запретени високи казни.

    Адвокатот Василев посочи дека начелото на непосредност се учи уште на факултет и заради тоа судот мора да ги испита сведоците,  за да знае кому може да му поклони верба и на кој дел од исказот може да се потпре при донесување на конечната одлука.

    Трпков не ги есапи ниту насоките на Апелација

    Испитувањето на двајцата клучни сведоци заврши со потврдување на нивните искази од првостепената постапка, која претходно беше водена и која поради бројните пропусти заврши неславно пред повисокиот суд. Поради контрадикторностите и нејаснотиите во првиот процес, кој требаше да ги расчисти дилемите околу незаконското следење на комуникациите, Апелација го врати предметот назад на повторно судење. Наместо првостепениот суд да побара нешто дополнително од обвинителството, овој пат новиот совет се согласи и да не ги преслуша лично сведоците, со што покажа непочитување и на дадените насоки на повисокиот суд.

    Да се потсетиме. Во декември лани, Апелација ја соопшти одлуката со која што утврди суштествени повреди на постапката од апсолутен карактер и го врати предметот назад на повторно судење.

    „Поради големиот интерес на јавноста, советот на Апелациониот суд Скопје информира дека првостепената пресуда е укината поради сторени суштествени повреди на одредбите на постапката од член 415 став 1 точка 11, став 2 и став 3 од ЗКП, како и повреди на кои судот внимава по службена должност во смисла на член 427 в.в. член 375 од ЗКП, а кои повреди влијаеле и врз правилно утврдување на фактичката состојба и правилна примена на материјалното право. Имено, внимајќи по службена должност, советот на Апелациониот суд Скопје утврди дека постои неусогласеност меѓу изречената пресуда и она што е наведено во нејзиниот писмено изготвен примерок, односно во изворникот на пресудата нема опис на противправните дејствија за секој од обвинетите. Ова особено што писмено изработената пресуда мора во целост да одговора на изреката што е внесена во записникот и затоа објавувањето на пресудата треба да биде јасно и прецизно односно јавно објавената изрека од пресудата треба да ги содржи сите потребни елементи од член 408 од ЗКП. Ваквата суштествена повреда е од апсолутен каратер и ја прави пресудата нејасна, неразбирлива и неподобна за понатамошно испитување“, беше посочено во соопштението на Апелација.

    Според Апелациониот суд Скопје, фактите кои што ги зел за утврдени првостепениот суд, а по однос на дејствијата на извршување на обвинетите, не соодветствуваат со доказите изведени на главната расправа пред првостепениот суд, по однос на наодите и мислењета на вештите лица на Јавниот обвинител и одбраната, како во делот на дејствијата по однос на следењето на комуникациите, така и по однос на вредноста на уништената опрема.

    Насоките на повисокиот суд се јасни, а постапките на судијата Трпков се целосно спротивни на нив. Обвинетите и нивните бранители се прашуваат дали правдата воопшто е таргет на повтореното судење и дали судијата Трпков воопшто има намера да донесе квалитетна пресуда цврста како тврдина. Или, како што се сомневаат некои, судијата постапува според нечија насока или можеби и според сопственото убедување и намера што побрзо да протрча низ предметот, а грижата за натамошното одлучување да им ја префрли на своите колеги од Апелациониот суд.

    И после ќе се бркаат вештерки во Апелација, ќе се бара виновник кој ги заглавува предметите и зошто првостепените пресуди паѓаат, без при тоа никој да се запраша зошто воопшто се подготвуваат вакви обвиненија и потоа буквално се „силуваат“ судските процеси во прв степен за да се досудат драконски затворски казни по секоја цена. Тоа ли е таа правда со која ќе одиме во Европа?

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img