Односот помеѓу двете најмоќни жени во Европската Унија во моментов е далеку од стабилен. Италијанската премиерка Џорџа Мелони чија партија Браќа на Италија освои најмногу гласови во европскиот парламент уште не решила дали ќе ја поддржи Урсула Фон дер Лајен, екс-претседателката на Европската комисија за уште еден мандат.
Бриселски Политико пишува дека Фон дер Лајен можеби ќе треба да смета на гласови од екстремната десница за да го добие потребниот 361 пратеник. На изборите во неделата коалициите кои ја избраа минатиот пат добија вкупно 400 од 720 места во европскиот парламент.
Во коалицијата се и ЕПП, матичната партија на Фон дер Лајен, но и централно-левичарските Социјалисти и Демократи(С&Д) и либералната Обнова.
Изборите минатата недела покажаа дека ЕПП останува најголема сила, но десните и екстремно десните партии заедно имаа мнозинство во парламентот. Тоа значи дека Фон дер Лајен може да прибегне кон гласовите од десницата за да има сигурна поддршка.
Во интервју за италијанскиот дневен весник Ла Стампа, поранешниот претседател на Европска комисија Жан Клод-Јункер рече дека Фон дер Лајен „нема потреба да оди и да бара поддршка од европратениците од браќата од Италија, па дури и од Џорџија Мелони во Советот“.
Запрашана за можната подршка Мелони изјави дека е премногу рано да се одговори на прашањето за втор мандат на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
– Сè уште собираме податоци за да го разбереме мнозинството, но сè уште има мнозинство што ја поддржа Урсула, но и партиите кои не се дел од ова мнозинство растат – изјави Мелони за италијанското радио РТЛ за резултатите од изборите за Европскиот парламент (ЕП).
– Тоа беше класичен пример да ги чувате пријателите и потенцијалните непријатели поблиску – рече еден функционер на ЕУ, кој сакаше да остане анонимен, за Политико.
Поранешниот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер изјави дека разликата од 40 места на проевропската коалиција во новиот Европски парламент „ќе биде доволна“ за да се гарантира реизборот на Урсула фон дер Лајен за претседател на извршната власт на ЕУ.
– Мнозинството не треба да се прошири на партиите од екстремната десница – рече тој.
Во меѓувреме Мелони стана новата ѕвезда на Европа бидејќи нејзината партија Браќа на Италија освои најголем број гласови. Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц го загубија тој статус.
Мелони сега учествува во одлуката за претседател на Европската комисија (ЕК), поради што Урсула фон дер Лајен постојано се обидуваше да ѝ пријде.
Се чини, безуспешно, анализира Политико.