Движењето Студенстки отпор на својата фејсбук страна најави протест в понеделник пред Собранието. Протестот ќе се реализира под мотото „Стоп за уништување на студентскиот стандард”и ќе започне во 16 часот.
Студентите на протестот ќе побараат повлекување на предложените измени на Законот за студентски стандард, изедначување на стипендиите со повискиот износ, изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење на струја и подобрување на условите и итна санација каде што е неопходна во студентските домови.
„Со децении наназад студентот од Македонија е жртва на лошите политики и институционалната пасивност. Крајно време е да се спротиставиме на уништувањето на студентскиот стандард. Затоа, време е за студентски отпор!“, пишува во објавата на Студентски отпор.
Претходно партениците од власта кои ги предложија измените на Законот за студентски оброк го повлекоа предлогот од собраниска процедура и ги повикаа претставниците на универзитетските студентски собранија на средба во Собранието в понеделник во 16.30 часот.
На средбата ќе се дискутира за заедничко решение кое ќе биде системски воспоставено и ќе обезбеди здрав оброк на студентите, како што и била првата намена.