Студениот бран и екстремно тешките временски услови во Украина погодена од војната, создаваат дополнителни проблеми. Речиси 400 места останаа без струја поради екстремните временски услови, соопшти синоќа претседателот Володимир Зеленски, додека украинската електрична инфраструктура е под закана од руските бомбардирања.
Украина стравува од нова голема офанзива на руски напади врз основната инфраструктура оваа зима, како и во 2022 година, кога тие напади оставија милиони луѓе на студ и во темница.
-Голем дел од територијата на нашата земја е зафатена од исклучително тешки временски услови – рече Зеленски во своето вечерно обраќање.
Според податоците што ги соопшти украинскиот претседател, без струја останале околу 400 места во десет области во Украина, особено на југот на земјата.
Од четвртокот националниот оператор Укренерго информираше дека ситуацијата е „тешка“ за електричната мрежа поради зголемувањето на потрошувачката со падот на температурата. Затоа Укренерго во средата мораше да прибегне кон итен увоз на електрична енергија од три соседни земји на ЕУ – Романија, Словачка и Полска.
Во саботата главниот град на Украина беше цел на најголемиот напад на руски беспилотни летала од почетокот на војната, а во ударите привремено без струја останаа десетици станбени згради. Воздушниот напад би можел да биде прв во новата руска офанзива.
На почетокот на октомври, Зеленски рече дека Русија ќе се обиде да го „уништи“ електричниот систем на неговата земја оваа зима. За да се спротивстави на оваа закана, Киев бара од своите западни сојузници нови системи за противвоздушна одбрана.