Висока температура, повраќање и дијареја се симптомите на кои сè поголем број пациенти се жалат кај своите матични лекари и бараат помош од нив. Овој стомачен вирус ги напаѓа и децата и возрасните, а препораката на лекарите е пациентите да не дехидрираат и веднаш да побараат помош.
Според матичните лекари, можно е и проширување на вирусните инфекции со оглед на тоа што почна школската година, па децата се враќаат во клупите и во градинките.
– Цела недела се измачувам со стомачен вирус. Имам страшни болки во стомакот и дијареја. Ништо не ми помага. Не помагаат ниту банани, ниту леблебии, ниту чај од кора од калинка. Матичниот лекар ми препиша силни апчиња против дијареја, но и тие немаат ефект. Ова ми е веќе шести ден како сум болна – изјави за Плусинфо, Магдалена К. од Скопје.
Како што за Плусинфо објасни д-р Лилија Чолакова Дервишова во земјата деновиве се зголемува бројката на стомачни заболувања речиси кај сите возрасти. Вирусите предизвикуваат стомачни болки, обилна дијареја, а знаат да ја зголемат и телесната температура.
– Стомачните вируси се чести во овој период, кога времето е променливо, луѓето сè уште многу патуваат и се појавуваат патнички проливи, најчесто предизвикани од бактерии како ешерихија коли. Сè уште се пијат многу ладни напитоци, кои предизвикуваат цревен дисбаланс. Се препорачува да се води добра хигиена на рацете, да се пијат течности на собна температура и пробиотици – порачува д-р Лилија Чолакова Дервишова.
Општата препорака на лекарите е повеќе да се внесува сува бела храна како ориз, компир, двопек, суви печива како бисквити, и соленки, за да може да се врзе киселината што ја лачи желудникот. Исто така лекарите велат да се избегнува консумирање брза храна, сладоледи, но и да се внимава на настинките предизвикани од клима-уредите.