Јенс Столтенберг заминува од НАТО во октомври. Тој нема намера да продолжи уште еден мандат. А кој доаѓа? Сè погласни се шпекулациите за можна генерална секретарка на НАТО. Тоа би била прва ваква ситуација за Алијансата, анализира Дојче Веле.
Најсилните кандидати се сметаат актуелната премиерка на Естонија Каја Калас или премиерката на Литванија Ингрида Симонита. Тоа е поради војната со Русија и актуелната ситуација. Се споменува и Зузана Чапутова, претседателката на Словачка, земја која има директна граница со нападната Украина. Машки кандидати се романскиот претседател Клаус Јоханис и Марио Драг и од Италија.
Одредени шанси има и канадската министерка за финансии Кристиа Фриланд. Таа е внука на украински имигранти. Во Канада, нејзиното потекло беше предмет на жестока дебата, бидејќи руските пропагандни медиуми ги истакнаа наводните врски на нејзиниот дедо со нацистите за време на Втората светска војна.
Британците можно е да ја предложат Тереза Меј. Всушност, речиси половина од сите 30 членки на НАТО веќе доставиле свој кандидат.
Што се бара од секретарот на НАТО?
Тој или таа мора да ги држи земјите-членки заедно, да ги балансира интересите, да промовира консензус меѓу 30-те членки, без разлика дали заканите за политичката кохезија доаѓаат од Трамп или Путин. Потребни се дипломатски вештини и лојалност кон сојузот.
Генералниот секретар или секретарка нема овластување да носи политички одлуки. Тој или таа само формално претседава со Северноатлантскиот совет, највисокото тело за одлучување. Ова важи и за воените овластувања. Тој или таа го претставува НАТО и надворешно, пред другите влади и печатот.
Идниот човек на таа позиција мора да ја има функцијата шеф на држава или влада во својата биографија. Мора да знае течно англиски, а пожелно е и француски.
Кои критериуми играат улога?
Личноста мора да биде во добри односи со Вашингтон. На крајот, клучот е САД, иако генералниот секретар традиционално е Европеец. САД обезбедуваат Врховен командант на силите на НАТО (SACEUR), што е поважна функција во воениот сојуз.
Сите 30 влади мора да прифатат нов генерален секретар со консензус. Затоа се важни регионалните интереси, потеклото и политичката заднина, како и воената тежина и дипломатското значење на земјата на потекло.
На пример, во овој момент би било незамисливо некој од Турција да дојде на таа позиција поради приговорите што ги има претседателот Реџеп Тајип Ердоган за приемот на Шведска. Спротивно на тоа, тешко е да се замисли Турција да одобри некој од Финска.
о, кога се работи за претходните 13 лица, постоеја сите можни варијации. Не секогаш беа исполнети сите критериуми. Единствениот германски генерален секретар на НАТО, Манфред Вернер (на функцијата од 1988 до 1994 година), никогаш, на пример, не бил шеф на владата, туку само министер за одбрана. Ова исто така важи и за повеќето други носители на функции. Првиот генерален секретар на НАТО, британскиот лорд Хестингс Исмеј, претходно беше само државен секретар. Но затоа имал чин генерал.
Како функционира процесот на селекција?
Ништо не е формално дефинирано. Нема официјална комисија за избор. Дипломатите преговараат тајно за своите влади додека не се постигне консензус. Нема формално гласање.
И кога се ќе заврши, шефовите на држави или влади од земјите-членки на Алијансата го најавуваат новото име на самитот. Следниот самит на кој тоа би можело да се случи е во Вилнус, Литванија, на 11 јули.
Столтенберг уште една година?
Иако Столтенберг самиот најави дека нема намера да го продолжува мандатот, во ходниците на седиштето на НАТО во Брисел може да се слушне и гласина дека Јенс Столтенберг би можел да остане, бидејќи во моменталната воена ситуација во Алијансата не сакаат да се занимаваат со кадровски прашања.
Можно е Столтенберг да го продолжи договорот до април 2024. Тогаш НАТО ќе наполни 75 години, што ќе се прослави на самитот во Вашингтон. Ова го поткрепува и фактот што позицијата што првично ја посакуваше Столтенберг, да биде шеф на централната банка на Норвешка, во моментов е и онака зафатена.
Затоа, потрагата ќе потрае некое време. Дојче Веле посочува дека имињата кои на почетокот често се споменуваат во јавноста, на крајот испаѓаат од игра. Ова е уште едно чудно, непишано правило при изборот на кадри.
Затоа се можни изненадувања.