Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Украина ќе стане членка на НАТО, но на подолг рок.
– Сојузниците во НАТО се согласија Украина да стане членка на нашата Алијанса, но тоа е долгорочна перспектива – изјави Столтенберг за новинарите за време на посетата на главниот град на Финска, Хелсинки.
Првиот човек на НАТО рече дека е важно тоа што Украина останува независна нација и покрај инвазијата од Русија.
Столтенберг зборуваше и за приемот на Шведска и Финска во Алијансата и посочи дека има напредок во преговорите со Унгарија и Турција по ова прашање, но додаде дека не може да каже точен датум кога Шведска и Финска би можеле да станат членки.
– Време е да се ратификува договорот и да се поздрават како членки – рече Столтенберг.
Тој рече дека е оптимист пред средбата меѓу Турција, Шведска и Финска во Брисел следната недела.
Столтенберг посочи дека Шведска и Финска го исполнија својот дел од договорот со Турција, што беше услов Ердоган да го тргне ветото за пристап на овие две земји во Алијансата.
Финската премиерка Сана Марин рече дека на самитот со нордиските лидери во Хелсинки главни теми се ситуацијата во Украина и членството на Финска и Шведска во НАТО.
– Не гледаме знаци дека Путин ги менува своите планови. Тој планира уште војна, а не мир – рече Столтенберг.