Јавноста е сведок на корупциски скандали продуцирани од ДУИ, а уште повеќе зачудува фактот што СДСМ молчи и не смее ништо да изусти ако не им дозволи, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
Тој укажа и на случајот со Рамиз Мерко, градоначалник на Струга.
– Пред десетина дена имаше одлука на Стејт департмент со која Мерко беше ставен на црна листа, и тогаш излегува никој не е тука да објасни, ниту да побара оставка од Мерко. Немате храброст да побарате оставка од струшкиот градоначалник, се препелкате дека немате надлежност и оти го избрале граѓаните – рече Стојаноски и го прашува премиерот Димитар Ковачевски „зошто се плашите да побарате оставка од Рамиз Мерко, лице осомничено за криминал, а устите ви се полни со ЕУ?”.
Стојаноски постави и две прашања до министерот за правда, Кренар Лога.
– Вие сте од Струга и верувам дека сте запознаени со случувањата во државава, како и во Општина Струга. Оттука првото прашање е дали ова што се случува во Македонија особено во Струга се европските вредности за кои влеговте во Владата и зошто не побарате одговорност од оние што не преземале ништо за шесте кривични пријави за Мерко. И второ прашање, дали како министер за правда верувате дека може да има непристрасен однос имајќи предвид дека во правосудството има партизација и дали ви е поважно да бидете дел од власта за доделување тендери или ви е важно тоа за што влеговте во Владата, европскиот пат – праша Стојаноски.
Пратеникот Стојаноски објасни и како ВМРО-ДПМНЕ ќе постапи по промена на власта.
– Оние институции кои ќе ги води ВМРО-ДПМНЕ, а ќе можат, ќе имаат надлежност да носат правда, ќе ги извади криминалците за уши, особено оние кои 20 години управуваат со оваа држава и се заштитени како бели мечки – рече Стојаноски.