Едно од најголемите археолошки откритија – откривањето на гробницата на Тутанкамон во Египет, се случило пред точно 100 години, пишува Би-Би-Си.
Археолозите предводени од историчарот Хауард Картер започнале со ископувања на 4 ноември 1922 година на локацијата на Долината на кралевите и наишле на сега познатата гробница на фараонот Тутанкамон, стара повеќе од 3.000 години.
Ова откритие им помогна на археолозите кои ги проучуваат античките артефакти – предмети, материјали и градби – подобро да разберат што се случило во Антички Египет.
Самата гробница стана симбол на египетскиот идентитет и влијание ширум светот.
Тутанкамон, познат и како Тут, бил крал, односно фараон – апсолутен владетел на Стариот Египет. Фараоните собирале даноци од народот, спроведувале закони и ја воделе египетската војска во војни против освојувачите.
Тутанкамон владеел како момче, а на тронот се качил кога имал само девет години, некаде околу 1332 година п.н.е. Кратко владеел и умрел кога имал само 18 години. Причината за смртта е непозната, но некои истражувачи веруваат дека станува збор за маларија.
Неговиот гроб бил скриен со векови, но кога бил откриен бил полн со богатства. На прилично мал простор биле поставени 5.398 предмети, меѓу кои и златната смртна маска на Тутанкамон.
Гробницата била практично недопрена, што значи дека била неоштетена и во одлична состојба и поставила нови стандарди во археологијата, а техниките и алатките што ги користел Хауард Картер биле користени за идни откритија.
Целиот свет бил заинтересиран за откритието во Долината на кралевите, а британскиот крал и кралица во тоа време сакале постојано да бидат информирани за новите случувања.
Името на Тутанкамон влијаеше на културата на целиот свет; се споменува во музички дела, а неговиот гроб ги инспирира модните трендови, како и бројните филмови со мумии.
Откритието во голема мера придонесе за разбирање на Стариот Египет и имаше многу позитивно влијание врз економијата на модерен Египет.