More

    Кога еден професор по марксизам ќе се побуни против корумпираното општество

    spot_img

    Ако не се случи револуција во општеството, ќе се случи револуција на поединецот. Ваква порака испраќа пензионираниот професор по марксизам, познат под кодното име Другарот 068, кога ќе влезе во зградата на Владата со три гранати во чантата.

    Но, дали тоа е вистинскиот начин на кој треба да еволуира човековата свест и потребата од промени во заедницата? Читателот лесно доаѓа до заклучок дека реакцијата на професорот е претерана, но дека сепак е можна.

    Новиот роман на Моџо Килингтон, односно Божидар Божиновски, „Есента во животот на професорот по марксизам“ во издание на Арс либрис (2023) се занимава токму со овие прашања кои го засегаат поединецот израснат и задоен со идеи во едно друго време, кој не може да се снајде во новиот брз ритам што го наметнува развојот на општеството кое оди во друг идеолошки правец.

    Професорот-револуционер не може да го разбере правецот во кој оди светот и младината која од помодарство зборува за револуција, а всушност е длабоко вкорената во својот комфор на лична неодговорност, несериозност и незрелост. Тој се прашува себе си што направил самиот за да ја оправда својата револуционерност и во тој жар решава да ѝ покаже сила на корумпираната власт. Личната загуба што ја претрпел по смртта на неговата сопруга Матилда, оддалеченоста од неговата ќерка која е иселена далеку, во Америка, го охрабрува Другарот 068 дека нема што да загуби ако фрли бомба во зградата на Владата и им покаже на сите дека тој е вистински револуционер.

    Во ликот на професорот е вградена извесна животна зрелост и од него читателот очекува мудри потези. Тој е сведок на времето во кое марксистичката идеологија била водилка на револуционерите, но и на времето во кое царувала политиката на кодошење на УДБА. Бил осуден невин, поради дојави на доушници кои нешто чуле а не дочуле, поради тоа што неговата сопруга имала германско потекло, а можеби и поради тоа што тој постојано мечтаел за револуцијата.

    Другарот 068 одбива да ја прифати новата општествена реалност во која се наметнува волјата на корумпираните државници и на нивните размазени деца. Тој тврдоглаво верува дека секој револуционер мора да ја доживее својата револуција. Конечно, си го поставува најважното прашање „Што направи ти во животот?“. Со ова прашање Килингтон се занимаваше и во својот претходен роман „Уништување“ (2021).

    На крајот на својот живот, осамен и веќе вдовец, Другарот 068 сфаќа дека има последна шанса да ја извади револуцијата од туршијата од подрумот и да му покаже на новото општество кое ги запоставува цивилизациските вредности дека коренити промени се нужни. Тој секако нема што да загуби, а којзнае можеби општеството ќе освои некоја нова придобивка.

    Насловот на романот „Есента во животот на професорот по марксизам“ амбициозно асоцира на дело од Габриел Гарсија Маркес. Книгата се чита брзо, а за пораките се размислува долго.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img