Цела Грција се уште е во шок по ужасните сцени кои се случија пред арената ОПАП во грчката населба Нова Филаделфија.
Пред натпреварот од Лигата на шампионите, повеќе од 100 навивачи на Динамо Загреб нападнале навивачи на ривалот АЕК, а во нападот загинал и 29-годишен навивач на грчкиот клуб, пренесува Јутарњи.
На местото на нападот навивачите поставија црно-жолти марами на АЕК и свеќи распоредени во форма на буквата М, односно почетната буква од името на 29-годишниот Михалис. Младиот човек се здобил со повеќе убодни рани, поради што и покрај напорите на лекарите починал во болницата во Црвениот крст, јавува грчкиот портал Прототема.
Како што објави порталот Newsbomb, навивачот на АЕК бил прободен со нож во артеријата на раката, што предизвикало неконтролирано крварење. Повредата била смртоносна, поради што набрзо по пристигнувањето во болница починал.
Министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис го коментираше нападот врз навивачите.
„Ова убиство е тажна алка во синџирот на насилство на навивачите, мора да се смени менталитетот на колективното насилство. Движењето на навивачите на Динамо се одвиваше поединечно и покрај забраната изречена од УЕФА. Полицискиот час овде функционираше поинаку“, коментира Герапетритис при доаѓањето на хрватските навивачи.