Најмалку 79 лица загинаа, а повеќе од сто се повредени во Сана, главниот град на Јемен, при стампедо, јави француската новинска агенција АФП.Луѓето се собраа за да добијат парични донации во училиште, рекоа очевидци и медиуми под контрола на Хуту.
Стампедото се случило додека трговците му делеле финансиска помош на населението, во последните денови на Рамазан, соопшти Министерството за внатрешни работи предводено од Хутите.
Ројтерс јавува дека луѓето чекале донации во износ од 5.000 јеменски риали (околу девет долари).
Бројот на загинати и повредени расте доста брзо бидејќи првите информации беа за триесет мртви за време на хуманитарен настан одржан во Сана, главниот јеменски град контролиран од бунтовниците Хути, кои ја потврдија веста за АФП.
Бунтовничката новинска агенција Саба наведува дека жртвите веднаш биле пренесени во блиските болници и дека организаторите на овој настан се уапсени.
Бунтовниците Хути, вообичаено блиски до Иран, ја презедоа контролата врз главниот град на Јемен пред девет години, што потоа поттикна интервенција на воената коалиција, предводена од Саудиска Арабија, за поддршка на владата.
Оттогаш, војната во Јемен однесе стотици илјади животи и иницираше една од најголемите хуманитарни кризи во светот, во оваа најсиромашна земја на Арапскиот Полуостров.
На снимката објавена на Telegram, може да се видат луѓе спакувани во толпата, некои од нив врескаат и викаат за помош додека обезбедувањето се обидува да го контролира собирот.