Царинската управа на Србија одлучи привремено да го запре преминот на границата со приоритет, откако одредени превозници се пожалија дека се злоупотребува статусот на приоритетен граничен премин и дека вон сезона за свежо овошје и зеленчук во ладилници се превезува друга стока, а се користи приоритетното преминување на границата.
Забраната, како што соопшти српската Царинска управа ќе важи до конечен договор со превозниците како да се регулира оваа област.
Здруженијата на превозници ќе треба до крајот на неделава да дадат предлози како да се реши прашањето со режимот на приоритетното поминување на границата за превозниците кои превезуваат лесно расиплива стока.
„Договорениот начин на поминување на границата веднаш ќе почне да се применува“, соопштија од Царината.
Во соопштението не се наведува дали ова запирање на приоритетниот превоз ќе важи и за превозниците од другите земји.