Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Јохан Вадефул, заменик претседател на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ и шеф на германската делегација во Парламентарното собрание на НАТО.
Соговорниците на средбата разговараа за актуелните политички случувања во земјава во контекст на македонските аспирации за членство во Европската Унија, како и за состојбите во поширокиот регион. Во тој контекст, претседателот Пендаровски изрази очекување за натамошна силна германска поддршка за процесот на пристапување кон Европската Унија и посочи дека забрзувањето на интегративните процеси е во интерес на политичката, безбедносната и економската стабилност на целиот регион и на европскиот континент.
Претседателот Пендаровски и Вадефул ја потенцираа потребата од спроведувањето на неопходните суштински реформи во сите сфери од важност за непречено одвивање на пристапните преговори. На средбата стана збор и за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Германија и партнерството во НАТО, при што беше констатирано дека двете држави во континуитет градат пријателски и партнерски односи и остваруваат интензивен политички дијалог.