Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик денеска во Орашац изјави дека Денот на државноста на Србија, во Република Српска се доживува како заеднички празник, јави Радио телевизија Република Српска (РТРС).
Дел од босанските медиуми веднаш реагираа на изјавата на Додик, оценувајќи дека тој продолжува со сепаратистичката реторика.
– Во Република Српска го одбележуваме овој ден како свој. Ја гледаме Србија како матица. Србија ни дава гаранции и засолниште, ни помага и ни дава поттик – кажа Додик на централната манифестација за одбележување на Денот на државноста на Србија, честитајќи им на граѓаните и на раководството на Србија.
Според Додик, Србите секогаш им носеле слобода на другите народи, додавајќи дека тие се наши претци кои поставија темели на тоа што е денес современа цивилизација.
– Се среќаваме тука и го одбележуваме нашиот заеднички празник, празник кој е посветен на Првото српско востание, денот кога Србите во посветена борба за слобода, го кренаа востанието и започнаа со изградба на српската државност и слобода за сите кои живеат тука – додаде Додик.
Тој изјави дека Србите денес имаат две држави – Република Српска и Република Србија.
– Србија која е гарант на мирот и безбедноста, која ја сакаме и се радуваме на секој нејзин напредок, Србија која е гарант за опстанок на сите Срби – нагласи тој и ѝ се заблагодари на Србија за помошта на Република Српска и за разбирањето.
Според неговите зборови, Србија е гарант на мирот, држава која под раководство на претседателот Александар Вучиќ, како што нагласи Додик, се гради и оди напред.
Србија денеска го слави Денот на државноста (Сретење) – денот кога на 15 февруари 1804 година започна Првото српско востание и кога на 15 февруари 1835 година е прогласен Сретењскиот устав на Кнежеството Србија. Централната церемонија, како и секоја година, се одржува во Орашац, местото каде што во 1804 година било кренато Првото српско востание.
На церемонијата присуствуваат премиерката на Србија Ана Брнабиќ, министрите во Владата на Србија и други гости. Членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик и неколку други политичари од РС, исто така беа присутни на церемонијата.