Има многу сериозни причини зошто би требало да има заеднички претседателски и парламентарни избори, особено во вториот круг на претседателските избори – рече Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во денешното гостување на радио „Лидер” коментирајќи го неприфаќањето од страна на власта да се организираат заеднички двојни претседателски и парламентарни избори.
– Прво, економски исплатливо е да не се трошат два пати по 10 милиони евра, да се заштеди на буџет кога имате незадоволни пензионери и немате учебници во образованието. Второ, да не влезе државата во уставна криза. На минатите претседателски избори цензусот на излезеност беше 46% проценти. Според последниот попис имаме 9,6% помалку резидентно население од претходниот попис и тоа за 2021 зборувам, во 2024 година бројката веројатно ќе биде уште помала заради овој феномен на миграција и поврзан со феноменот на намален наталитет во изминатите 20 години. Затоа, само претседателски избори значи ризик. Незадоволство кај народот дел од гласачите може да го искажат со неизлегување на избори, дел од нив се и реално отсутни и не можат да гласаат, па може да се доведеме во ситуација, навистина, да немаме избран претседател – истакна Милошоски.
Трета причина за организирање на заеднички избори, вели Милошоски, е да немаме „осуммесечен грч на институциите“.
– Кога има избори стапува на сила Изборниот законик, намалена е функционалноста, набавките, дејствувањето, огласите и други надлежности на институциите. Доколку имаме заеднички избори ќе почне кампањата некаде од јануари-февруари и ќе заврши до средината или крајот на мај, а ако имаме раздвоени избори тоа ќе трае и државата ќе биде во грч, ќе страда и стопанството и услугите кон граѓаните – рече Милошоски.
Во однос на можноста ВМРО-ДПМНЕ да седне на заедничка маса со владејачката коалиција да се договорат за датумите за избори, Милошоски рече дека партијата е спремна со аргументи и со тим за преговори да седне на заедничка маса со власта и да се изнајде решение во интерес на државата и граѓаните.
– Дали тоа ќе биде 6 мај, дали ќе биде 7 мај или 8 мај не менува многу. Битно е дека има можност овие избори да бидат заеднички, а гледаме дека власта бара изговори зошто да не бидат. Затоа сметам дека власта бега од избори – рече Милошоски.