Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот фејсбук објави дека денеска, како дел од владината делегација во Брисел присуствувал на историски настан за нашата држава – првата Меѓувладина конференција со ЕУ со што се отвора процесот на прием на Северна Македонија и нејзините граѓани во големото европско семејство, Европската Унија, како наша децениска стратешка цел.
– Претседателката на Европската Комисија, Урсула вон дер Лајен утрово посочи дека нашата држава набрзо ќе преговара со ЕУ за ФРОНТЕКС, спогодба за соработка на граничните полиции, што ќе ја зацврсти соработката за миграцијата. Ние, како Министерство за внатрешни работи сме подготвени и очекуваме во наредниот период да се потпише Договорот со ФРОНТЕКС, којшто заедно со еврокомесарот за миграции, Димитрис Аврамопулос, по повеќемесечни преговори го парафиравме во 2018 година како резултат на посветеноста на институцијата за справување со илегалната миграција. Откако договорот ќе стапи на сила, тимовите на ФРОНТЕКС со извршни овластувања ќе можат да вршат гранични контроли на граничните премини заедно со националните сили – објави Спасовски.
Како Влада, напиша тој, направивме се’ во изминатите години за придвижување на европската агенда на земјата и ја вративме земјата на патот кон ЕУ.
– Со храбри и мудри одлуки решивме непремостливи предизвици кои на сите им се чинеа како невозможна мисија и ги затворивме отворените билатерални прашања. Притоа, како држава не отстапуваме од европскиот курс, од реформите и градењето на добрососедските односи и регионалната соработка. Остануваме посветени на имплементацијата на направените реформски процеси и постигнатите договори. Создадовме Едно општество за сите водени токму од мотото на Унијата, „Обединети во различностите”, ги афирмираме и промовираме особеностите и различностите на сите етнички заедници кои се дел од мозаикот на Северна Македонија. Сега како партнери заеднички ќе придонесуваме кон просперитетот на сите граѓани, да делуваме по заканите по мирот, стабилноста и безбедноста на континентот. Нека ни е среќен почетокот на пристапните преговори за наше полноправно членство во Европската Унија – напиша Спасовски.