Денеска, (07.09.2023), министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обрати на трибина во организација на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОВ, а на покана од претседателот на Сојузот на борци, проф. д-р Никола Стојановски.
Во своето обраќање министерот Спасовски се осврна на значењето на нашиот најголем државен празник – 8. Септември, како и на перспективите и предизвиците пред кои е исправена државата, како тема на дискусија на трибината.
„Организирањето на денешнава трибина од страна на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОВ, во предвечерието на нашиот најголем државен празник – 8. Септември – ден во кој се испиша нова и величествена страница во историјата на македонската државност, посветена токму на симболиката на овој датум низ призмата на предизвиците пред кои што во ова време е исправена нашата држава, произлегува од логична, оправдана потреба за постојано преиспитување, анализирање, согледување на правците на општествено движење. Несомнена е потребата и дискусијата сега повеќе од било кога на сите општествени чинители во државата за тенденциите на институционалниот развој, за перспективите што постојат а за кои е потребно повторно обединување и заедништво кон стремежот да бидеме онаму каде природно припаѓаме – дел од европското семејство”, истакна министерот Спасовски.
Говорејќи за остварувањето на вековниот идеал за самостојна и независна македонска држава на 8-ми Септември 1991 година, како грандиозен исчекор во реализација на стремежите на генерации и генерации наши граѓани, министерот Спасовски истакна дека се отворени и креирани огромни можности и потенцијали за натамошно градење и развивање на сите општествени сегменти.
„Денеска слободно и со гордост можам да констатирам дека сме дел од генерацијата која се бори за остварувањето на визијата за европска Македонија, со решавање на отворените прашања со соседите, како клуч за влез и отворање на ЕУ перспективите. Ова го кажувам бидејќи сите сме сведоци на тоа дека седиме на иста маса со НАТО сојузниците, креираме заеднички политики со европските партнери и ја имаме целосната и недвосмислена поддршка од нашиот најблизок стратешки партнер САД”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека треба да се операционализираат и внатрешните прашања во однос на економско-социјалните, правно-нормативните, локалните, инфраструктурните, културните и други капацитети и нивниот правец на развој.
Министерот Спасовски на крајот од своето обраќање, изразувајќи благодарност за поканата до организаторот за оваа благородна и корисна иницијатива на трибината на Главниот и градски одбор на Сојузот на Борците од НОВ, го честиташе утрешниот голем празник – Денот на независноста, со желби за добро здравје и успех, на личен и професионален план.
Потпретседателот на Сојузот на борците, Наум Бурески во своето обраќање пред присутните рече: ,, Сојузот на борците е основоположник на македонската држава и се залага државата да ја види во Европската Унија, со меѓусебна соработка и взаемна размена од секаков аспект. За овој сон да го оствариме, да биде наша реалност потребно е сите да се вложиме посветено и државнички. Иднината на нашите млади е во ЕУ“.